Граѓаните да не се откажуваат од барањата за нови зелени површини во средината во која што живеат


Фото: Б. Грданоски

 Министерството за екологија обезбедува средства и ги промовира политиките за повеќе зелени површини во секоја општина во државата и го охрабрувам секој граѓанин да не се откажува од барањата и потребите за нови зелени површини во средината во која што живее, порача министерката за животна средина и просоторно планирање, одговарајќи на новинарскопрашање околу поставување на законски обврски при изградба на нови градби и донесувањето на урбанистичките планови.

Шукова смета дека тоа е обрска на локланите самоуправи и оцени дека урбаните процеси споро се спроведуваат, од општина до општина.

– Некогаш многу комплексно се спроведуваат. Можеби и постапките за носење на урбанистичките планови ни се прекомплексни. Знаеме дека сакаме да ги опфативме сите сегменти, меѓутоа често долго траат. Планирањето, урбаното планирање треба да биде во корелација и со просторното планирање. Во моментот се прави и просторниот план на државата и тоа е долг процес. Можеби треба да размислиме малку да ги поедноставиме процесите за да побрзо ги правиме и просторните планови и урбаните планови во државата, рече Шукова.

Таа појасни дека како ресорно министерство може да дава препораки и државата во просторниот план да ги предвиди сите зелени површини, но и општините треба да одат кон позелена држава.

– И секој глас од граѓанинот, кога се носи урбан план треба да биде важен и треба да биде почитуван, особено во делот за зазеленувањето. Ние како Министерство обезбедуваме средства и секогаш ги промовираме политиките на тоа дека треба да има повеќе зелени површини во секоја општина во државата и ќе продолжиме во таа насока. Меѓутоа исто така го охрабрувам секој граѓанин, кога се носи урбанистички план, да не се откажува од барањата и потребите за нови зелени површини во средината во која што живее, рече Шукова.