Граѓаните алармираа за оштетен потпорен ѕид на Кале, но ненадлежни се и општината и градот


Екипи на Општина Центар извршиле увид во стабилноста на потпорниот ѕид на улицата „Лазар Личеноски“ на Кале за кој, како што информира градоначалникот Горан Герасимовски, стигнале предупредувања од граѓани дека може да се сруши.

Станува збор за потпорен ѕид кој е дел од скалите кои водат од улицата „Лазар Личеноски“ до локацијата на Француски гробишта и Амбасадата на САД. Ингеренции и надлежности во овој случај нема Општина Центар поради што и не смее да постапи, но со оглед на сериозноста на работите Општина Центар испрати допис до Градот Скопје кој согласно надлежностите го повикавме да направи увид и го реши проблемот – вели Герасимовски.

Градоначалникот се надева на позитивен исход и брза интервенција од Градот, затоа што како што вели, брзата и взаемна соработка меѓу институциите е клучна во решавање на проблемите кои ги засегаат граѓаните.

Од Градот пак, соопштија дека „во врска со надлежностите за одржување на Скопското Кале, градот Скопје до овој момент нема добиено никаков допис од ниту една институција – следствено, до овој момент немаме добиено допис ниту од општина Центар“.

Што се однесува до надлежностите, за Скопското Кале единствено одговорност има Националната установа конзерваторски центар. Надлежностите на градот завршуваат со коловозот и тротоарите на ул. „Лазар Личеноски“.

– Бидејќи до овој момент до градот Скопје нема пристигнато никаков допис во врска со потпорниот ѕид на Скопското Кале на страната на ул.„Лазар Личеноски“, ги упатуваме од општина Центар да се приклучат на дописот на градот Скопје до Министерството за култура и НУ „Конзерваторски Центар“.