Граѓани најавија тужби за агенциите „Одмори се“ и „Одмори“


Ново сведоштво за измамени туристи преку агенциите „Одмори се“ и „Одмори“ стигнаа до редакцијата на „Независен весник“. Станува збор за две девојки кои уплатиле аранжман за Минхен, Германија, кој требало да се реализира од 23 до 26 март годинава.
Во истиот период, „Независен весник“ објавуваше серија текстови поврзани со овие агенции чии сопственици се братот и сестрата Ненад и Тања Марковски.

Во најновиов случај, Марковски работеле по ист принцип како и претходно. Преку онлајн-комуникација на потрошувачите им се претставуваат како агенција со име „Одмори се“, таков е и називот на нивната страница на Фејсбук „Odmorise.mk“. Тие ги нудат своите аранжмани со име од првата фирма, а наплатата ја вршат на жиро-сметка од другата фирма со слично име – „Одмори“.

Сите текстови поврзани со овие агенции:

Лажен туристички аранжман им приреди хорор на две македонски студентки

Агенцијата „Одмори се“ имала лиценца од А-категорија

Нови сведоштва: Пет месеци чекаат обесштетување за нереализирана тура за Рим

И сестрата на Марковски има туристичка агенција

Ќе се менува Законот за туристичка дејност

Инспекторатот постапувал и по пријави за агенцијата „Одмори се“

Агенцијата „Одмори се“ во стан на судијка

Во последниов случај за Минхен, двете девојки преку онлајн-комуникација ја договараат турата и сè тече нормално и уверливо. Но, откако ја уплаќаат побараната сума на сметка, вкупно 31.248 илјади денари, комуникацијата станува сè поретка, па девојките почнуваат да инсистираат да добијат потврда за резервација во хотел и за чекирани авионски карти.
Но, на два дена пред да се реализира патувањето, наместо да добијат потврди и чекирани авионски карти, тие добиваат известување дека настанал проблем и за тие конкретни датуми не може да се реализира турата. Им биле понудени други тури или промена на датуми, но бидејќи и двете девојки се вработени, не можеле така лесно да ги менуваат плановите со слободните денови и одлучиле целосно да го откажат патувањето. Им било ветено дека парите ќе им бидат вратени, но тоа не се случило.
– Претставник од „Одмори се“ ни даваше насоки и преку Фесјбук и преку електронска пошта за целото патување. Ни понудија и неколку хотели за ние да одбереме кој најмногу ни одговара. Тој претставник на „Одмори се“ ни ја даде и жиро-сметката на која ги уплативме парите, за која подоцна разбравме дека е жиро-сметка од друго правно лице, односно од фирма со слично име „Одмори“. Ова наликува на подготвена игра меѓу сопствениците на двете правни лица бидејќи кога ги уплативме парите ни потврдија дека им легнале на сметка – раскажуваат за „Независен“.
Тие велат дека претходно ја провериле „Одмори се“ во регистарот на агенции објавен на интернет-страницата на Министерството за економија, за да се осигураат дека се лиценцирани да вршат ваква дејност.
– Ние не патуваме првпат, ги направивме сите проверки за кои сметавме дека треба да се направат. На интернет-страницата на Министерство за економија тие сè уште се во регистарот на туристички агенции и имаат А-лиценца. Тоа за нас беше доволна потврда дека нема да бидеме измамени, а за да заштедиме време, бидјеќи не сме од Скопје, резервиравме онлајн – вели едната девојка.
За овој случај, велат дека поднеле пријави до Државниот пазарен инспекторат и до Организацијата за заштита на потрошувачи, а најавуваат и судска разрешница.

Да потсетиме дека за овие агенции добивме неколку поплаки од граѓани дека уплаќале аранжмани, а добиле само билети во еден правец или турите воопшто не се реализирале.
Последен беше случајот со двете студентки кои договарале аранжман за Истанбул преку „Одмори се“, а парите ги уплаќале на жиро-сметка која ѝ припаѓа на фирмата „Одмори“. На првата фирма „Одмори се“, чиј основач и сопственик е Ненад Марковски, сметката е блокирана, иако оваа агенција сè уште поседува лиценца од А-категорија за вршење туристичка дејност, која е издадена од Министерството за економија. Марковски тврди дека оваа фирма има започнато постапка за стечај. Втората фирма „Одмори“, чиј основач и управител е сестрата Тања Марковска, воопшто не побарала и нема лиценца. Ненад и Тања Марковски, според Централниот регистар, живеат на истата адреса во Кисела Вода. Дополнително, фирмата на Ненад, „Одмори се“, се води со седиште на истава адреса. Истражувајќи понатаму во врска со адресата, преку јавно достапните информации од Катастарот, дојдовме до податок дека сопственик на станот во Кисела Вода е Надица Марковска, мајка на Тања и Ненад Марковски.
Со оглед на тоа дека Надица Марковска е судија во Основниот суд во Кратово, ги проверивме податоците за имотот што таа има законска обврска да го пријави во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата како избран функционер. Но не го пријавила овој стан. Од Антикорупциската комисија тогаш ни одговорија дека не само што имала обврска да го пријави станот туку требало да го пријави и кредитот. Тие најавија дека ќе отворат случај. Државниот пазарен инспекторат сè уште работи на пријавите од граѓаните, а од Јавното обвинителство рекоа дека доколку утврдат постоење елементи на сторено кривично дело ќе постапат согласно законските надлежности.

Ивана Настеска