По низата поплаки од граѓани: Ќе се менува Законот за туристичка дејност

Министерството за економија подготвува измена на Законот за туристичка дејност бидејќи често се случува граѓаните да бидат измамени и да останат необештетени. Регулативата ќе предвидува и банкарска гаранција за агенциите кои ќе организираат патувања надвор од државата, односно агенциите кои добиле лиценца А-категорија. Ќе се зајакнуваат и условите за добивање на овој вид лиценца, а ќе се унифицираат и општите услови за патувања преку правилник, бидејќи досега секоја агенција сама си ги пишувала условите.

„Независен весник“ преку серија на текстови откри и конкретни примери на граѓани кои имаа непријатности преку агенциите „Одмори се травел“ и ТА „Одмори“, чии основачи и управители се братот и сестрата Ненад и Тања Марковски.

Предлог-измените на Законот за туристичка дејност се во насока за да се намалат токму вакви нелојални конкуренти во оваа сфера.

Како што информираше министерот за економија Крешник Бектеши, по завршувањето на претседателските избори предлог-измените ќе се разгледуваат на владина седница, а потоа ќе се достават до Собранието.

– Неретко се случува агенција со една казна, за да избегне добивање на втора и одземање на лиценцата, да направи промена на правниот субјект и одново да побара лиценца. За таа цел, планираме воведување на забрана за вршење на дејност, доколку забележиме вакви аномалии кај агенциите, со што тие ризикуваат никогаш повеќе да не можат да работат во секторот. Така ќе се намали и нелојалната конкуренција кај агенциите кои работат професионално и согласно закон – посочи министерот Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски информираше дека се состанале со двете стопански комори на туристичка дејност и дека вршат превентивни обуки со цел да се намалат претставките од граѓани кои до нив стигнуваат за измами, нереализирани тури и слично.

-Минатата 2018 година имавме 421 контроли од кои 90 отсто се од претставки на граѓани. Од нив само пет до шест не се целосно завршени, а во останатите случаеви туристичките агенции излегувале во  пресрет и средствата им се враќани на граѓаните – рече Пауновски.

Двајцата упатија неколку превентивни совети до граѓаните за тоа како да се заштитат кога уплаќаат за аранжмани. Прво да склучат договор во писмена форма и тој да ги содржи сите елементи од понудата. Пред да биде потпишан, сите услови мора да му бидат соопштени усно на потрошувачот.  Граѓаните, да ги проверуваат туристичките агенции и на вебстраницата на Министерството за економија во делот на Регистар на агенции, со цел да не бидат мета на непостоечки агенции кои продаваат аранжмани само онлајн. Договорот, мора да содржи и рок во кој корисникот може да се пожали за неисполнувањето на одредбите.

Ивана Настеска