„Градски паркинг“ се пресели во просториите на Рударскиот институт


 

Новите работни простории на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, беа отворени денеска во Рударскиот институт во Општина Аеродром, а надлежните сметаат дека граѓаните ќе имаат подобра услуга и побрз сервис за паркинг услугите во градот

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска ги отворија новите простории на ЈП „Градски паркинг“ во општина Аеродром.

Новите простории на ЈП „Градски паркинг“ беа неопходни од повеќе аспекти, а најмногу поради обезбедување подобри услови за работа на вработените во претпријатието, како и подобра услуга за граѓаните кои што имаат потреба да дојдат во јавното претпријатие.

Арсовска потенцираше дека во изминатиот период со доаѓањето на новиот в.д директор на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски се работи континуирано на подобрување на услугите за паркинг, реализирано е ветувањето за намалена цена на градскиот паркинг, а се работи и на креирање нови решенија за паркинг места во општина Аеродром, но и во сите останати скопски општини каде што граѓаните имаат потреба од зголемен капацитет на паркинг места. Таа додаде дека новото раководство на претпријатието работи домаќински и се грижи за корисниците, а показател за тоа е приходот од шест милиони денари во првите три месеци.

Во однос на новите работни простории на ЈП Градски паркинг – Скопје, Христовски истакна дека канцелариите ќе бидат на нова локација, односно во зградата на Рударскиот Институт и истите ќе работат секој работен ден од 7 – 21ч, а во сабота од 7 – 13.30ч.