Градот Скопје ќе финансира целосна реконструкција на улицата „Славка Динкова“ во општина Кисела Вода

Советот на Град Скопје на денешната седница расправаше и донесе одлука Град Скопје да реализира голем инфраструктурен проект за целосна реконструкција на улицата „Славка Динкова“, општина Кисела Вода.
Проектот ќе се реализира преку меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода.
Со овој проект се предвидува изградба на атмосферска канализација, целосна реконструкција на коловозот и пешачките патеки, како и поставување на ново улично осветлување.
Улицата „Славка Динкова“ е една од најголемите улици во населба Драчево и истата претставува конектор – сообраќајница која ги поврзува поголемите собирни улици во Драчево со магистралната улица „Јустинијан Први“.
Проценетата вредност на овој проект изнесува 50.500.000 денари и средствата ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје, додека Општина Кисела Вода ќе учествува во проектот со изработка на техничка документација и решавање на евентуалните имотно-правни односи.