Градот и превозниците никако да се договорат, во петок нови протести
Протестот на приватните превозници до утре е во мирување, а за потоа најавија масовен протест на скопските улици, кога, како што велат ќе ги блокираат крстосниците со 200 автобуси.
Дека тоа ќе значи колапс на сообраќајот во градот, нема сомнение, ако се знае дека пред два дена блокираа само една крстосница, онаа кај „Мавровка“ со 30 автобуси.
Превозниците деновиве се обидуваат да смислат план како да се договорат до Градот, а во меѓувреме Финансиската полиција во ЈСП ја чешла документацијата за досегашното работење на приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Од овие игри трпат најмногу граѓаните, кои чекаат на автобуските постојки со часови или се принудени да се симнуваат од еден и да се качуваат во друг автобус со истиот број, затоа што автобусите на ЈСП не можат да ги соберат сите патници. Повеќето од оние кои секојдневно го користат јавниот градски сообраќај, веќе се откажаа да погледнуваат во дисплеите со информации или во мобилната апликација, затоа што автобус не доаѓа.
Претставници од приватните превозници, велат дека денеска се одржал координативен состанок за понатамошно дејствување, а за утре најавија прес-конференција на која ќе ги соопштат деталите од состанокот.
Хаосот во јавниот превоз настана на почетокот на месцов кога град Скопје им ги раскина договорите на „Макекспрес“. Потоа и превозниците од „Слобода превоз“ преку протести си го бараат заостанатиот милионски долг.
Градоначалничката Данела Арсосвка пак отана на ставот дека ќе има јавен повик на кој ќе можат да се јават приватните превозници. Незадоволните може да си ја бараат правдата на суд. Резултат или решение не се донесе ни на седницата на Советот на Град Скопје.
И Владата сее оградува од проблемите меѓу Град Скопје и приватните превозници. Од извршната власт велат дека надлежностите за јавниот превоз се на Град Скопје. Со ова , Владата навестува дека ова нема да биде една од ситуациите слични на оние во минатото, кога од „Илинденска“ се издвојуваа стотици илјади евра за подмирување на општинските долгови, јавува „Алсат М“.
„Локалната власт е таа што треба да работи за граѓаните. Согласно Законот за Град Скопје, регулирањето и организирањето на јавниот градски и приградски превоз на патници е во целосна и единствена надлежност на Град Скопје. Оттаму, сите барања од превозниците треба да се упатат пред се до градските власти во Скопје, кои пак веднаш и одговорно треба да обезбедат мерки за надминување на ситуацијата“, наведуваат од Владата.
Арсовска во интервју за „Телма“ рече дека не преговара со луѓе кои уценуваат и навредуваат и кои го прават ова, како што рече, бидејќи вистината не е на нивна страна.
Приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ рекоа дека веќе ангажирале адвокати и парите ќе ги бараат по легален пат.
Сепак, засега извесна е најавата дека во петок ќе организираат протести и блокирање на улиците, а а деталите за тоа кога ќе почне протестот, со колку автобуси ќе ги блокираат патиштата, кои делови од главниот град ќе бидат блокирани и колку ќе трае протестот, ќе бидат соопштени утре на прес- конференција.