Градот ги одби предлозите на „Зелен хуман град“


Советот на Град Скопје вчера го отфрли и вториот сет предлози изгласани од корисниците на платформата за директна демократија МојГрад.

Владејачкото мнозинство одби да заземе став во врска со предлогот за стопирање на плановите за топилница за опасен отпад во Гази Баба, кој на МојГрад доби 545 гласови, одразувајќи го силниот револт на локалните жители.

Предлогот за изградба на компостари во секоја скопска општина беше отфрлен со образложение дека најпрвин требало да се прават анализи, па дури потоа да се основа меѓуопштинска соработка за негова реализација, како што побара советничката Драгана Велковска.

Фактот што овој проект доби 457 гласа на платформата и би можел да го намали отпадот во Скопје за цели 60 отсто не им претставуваше проблем на советниците на мнозинството да се повикаат на техникалии за негово уривање.

Третиот предлог на платформата МојГрад, кој воедно беше и најгласан со 4.699 гласа, за затворање на Зоолошката градина во Битола беше испратен до градоначалничката на општината Наташа Петровска.

Ако по првата рунда се уште постоеше надеж дека градските власти во Скопје пристапуваат искрено, а не тенденциозно кон предлозите од МојГрад, таа дилема сега е дефинитивно решена. Не постои никаков реален изговор за континуираното игнорирање на волјата на скопјани, освен отпорот на партискиот естаблишмент кон идејата дека на граѓаните треба да им се дозволи да учествуваат во процесот на носење одлуки за нивното место на живеење. Напорите да се изгради мост меѓу граѓаните и институциите преку МојГрад ќе продолжат и понатаму со доставување на најпопуларните предлози, преку воспоставениот механизам на платформата.
Меѓутоа, кога од другата страна не постои никаква желба за соработка во изградбата на тој мост, тогаш потребна е поинаква стратегија – велат од коалицијата „Зелен хуман град“.

Наскоро коалицијата „Зелен хуман град“ ќе ги соопшти своите следни чекори во битката за институционална промена и подобро Скопје.