Градоначалникот на Софија предлага училишната недела да почне со химна, секој ден со физичка активност


Градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, според пишувањето на БГНЕС, ќе предложи две нови иницијативи до Советот на општина Софија – едната е секој понеделник училишниот ден да започнува со бугарската  и европската химна, а втората иницијатива е училишниот ден за децата од прво до четврто одделение да започнува со физичка активност.

„Верувам дека училиштето не е само место за учење, туку и за градење дух и припадност. Место каде што нашите деца растат како поединци и како дел од заедницата. Затоа ќе предложам две нови иницијативи до Општинскиот совет. Предлагам секој понеделник училишниот ден да започнува со химната на Бугарија и на Европа – со потсетување на нашата историја и гордост како Бугари, но и со поглед кон нашата заедничка европска иднина. Овие симболи не се само протокол – тие се живо чувство на припадност, на заедништво. Заедницата е таа што нè гради како народ и како европски ентитет – ни дава насока и сила да работиме заедно во име на нашите споделени вредности“, рече градоначалникот на Софија Терзиев.

Втората иницијатива е наменета за ученици од 1-во до 4-то одделение. Предлогот на градоначалникот Терзиев е учениците од основно училиште да го започнат денот со кратка физичка активност. Општината подготвува вежби и танци што ќе им бидат достапни на сите училишта за да им помогнат на децата да го започнат денот со енергија и насмевка. Според градоначалникот, ова е начин да се всади кај децата љубов кон движењето и да им се помогне да растат поздраво и посилни.

„На Софија ѝ се потребни нови традиции што ги обединуваат генерациите, образуваат и градат вредности. Ова се мали чекори, но верувам дека ќе им помогнат на децата да бидат посигурни, поповрзани и со повеќе радост во училиштето и во животот“, рече Васил Терзиев.

Општина Софија известува дека градоначалникот разговарал за овие две иницијативи со долгогодишните и новите директори на Образовната служба на градот Софија – Вања Кастрева и Елеонора Лилова, како и со претседателот на Унијата на раководители на јавниот образовен систем во Бугарија, Асен Александров, и со општинските советници Цветелина Симеонова-Заркин и Дијан Стаматов.