Градоначалникот на Карпош, Богоев побара поголемо присуство на полицијата на терен и почести патроли


Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска на работната средба од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Полициската станица „Карпош“, по повод донацијата од општината на два мопеди за работа на терен на полициските службеници, побарал поголемо присуство на полицијата на терен, почести патроли за сузбивање на т.н. трки со мотори долж бул. „Партизански одреди“, а ги споделили и барањата на Карпош 4 и на Тафталиџе 2 за поставување семафор на „Партизанска“ кај трговскиот центар Антико.

Министерот Спасовски потсети дека еден од стратешките проекти, што заедно се работи со Мисијата на ОБСЕ во Скопје е работа со заедницата, како исклучително важна за полициското работење. Колку повеќе и посилно ќе биде таа поддршка и партнерство помеѓу граѓаните и полицијата, истакна тој, толку ќе биде и поголема безбедноста и довербата во институцијата.

Додаде дека токму Општина Карпош и градоначалникот Богоев, покажале во изминатиот период има со што да се пофалиме во делот на взаемната соработка, пред се заради постојаната комуникација што ја имаат на ниво на Полициската станица во Карпош, согледување на сите потреби и барања на граѓаните, што резултира со намалување на криминалитетот по сите основи на подрачјето на Полициската станица во Карпош, имајќи предивд дека општината е транзитна општина.

Спасовски информира дека ќе се направат напори во наредниот период да се воспостави велосипедски патроли на територијата на Општина Карпош, како што се во Општина Центар, во Охрид и во Прилеп.

На новинарско прашање дали во СДСМ се разговарало на локалните избори за Скопје да излезат со заеднички кандидат Албанец, Спасовски упати на одговор до партискиот портпарол во СДСМ.

Градоначалникот Богоев прашан од новинарите дали ќе се кандидира за уште еден мандат одговори дека е млад и е 14 години во СДСМ, приоритет му е партијата да победи во Карпош. Смета дека со она што досега го имаат сработено и што следува во идните месеци, како што рече, ќе  ја загарантираме победата и потоа е ирелевантно дали лично ќе биде тој или друг. Посочи дека партиските органи во СДСМ ќе одлучуваат во летниот период, сега ќе има анкети за членството за одредени кандидати или актуелни градоначалници, по што анкети што мислат граѓаните за тие кандидати. Не сакаше да одговори дали има амбиција за нов градоначалнички мандат.