Градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, осуден на една година и осум месеци затвор

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, е осуден на вкупно една година и осум месеци затвор во еден од случаите што се водат против него, јави турската телевизија Си-Ен-Ен Турк.
Судот го прогласи Имамоглу за виновен за „јавна навреда на државен службеник при извршување на службените овластувања“ – конкретно, на обвинителот на Истанбул, Акн Гурлек – како и за „закана“. Тој доби казна од една година, пет месеци и 15 дена за навредата и уште два месеца и 15 дена за заканата. Обвинението за „поттикнување против учесници во борбата против тероризмот“ беше отфрлено.
Имамоглу, кој е еден од главните политички ривали на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен на 19 март под обвиненија за корупција. Судот на 23 март ја продолжи мерката притвор, а неколку дена подоцна Градскиот совет на Истанбул го суспендираше од функцијата.
На рочиштето присуствуваа неговиот адвокат, лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Oзгур Oзел, локални партиски функционери, пратеници и неговата сопруга.
И покрај правните проблеми, Имамоглу беше прогласен за официјален претседателски кандидат на CHP за изборите во 2028 година. Меѓутоа, анулирањето на неговата универзитетска диплома во март ја доведува во прашање неговата можност за кандидатура.
Неговото апсење предизвика масовни протести, кои се оценуваат како најголеми во Турција од 2013 година наваму.