Градоначалникот на Белград не знае дали Ратко Младиќ извршил воени злосторства

Александар Шапиќ знае само дека генералот Младиќ го бранел српскиот народ во Босна и Херцеговина


Муралот на Ратко Младиќ во Белград

 

Голема бура се крена во Србија и во регионот по изјавата на градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, дека не знае дали Ратко Младиќ извршил воени злосторства, но знае дека го бранел српскиот народ во Босна и Херцеговина. Изјавата на Шапиќ дојде по соопштението на Иницијативата на младите за човекови права во Србија која побара да се отстрани муралот со ликот на Ратко Младиќ на една зграда во Белград .

„Не знам кој што правел за време на војната во Босна, бидејќи јас не бев таму. Она што го знам е дека Ратко Младиќ го бранеше српскиот народ и веројатно да не беше тој, Србите од Босна ќе завршеа слично на Србите од Хрватска. Ќе беа убивани и на крајот протерани од нивните огништа. Навистина не знам дали за време на војната извршил воени злосторства“, рече Шапиќ.

Тој рече дека секогаш може да се зборува за графитите во Белград и за комуналниот ред, но ја замоли јавноста да не го меша Хашкиот трибунал и неговите пресуди во тие работи.

„Во тој случај сте на погрешна адреса и ќе треба да чекате некој друг градоначалник да дојде на моето место и да ви ги исполнува тие ‘хашки’ желби“, рече Шапиќ.

Брза реакција стигна од Босна и Херцеговина. Градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ, рече дека е „изненадена од изјавата“ на Шапиќ.

Како што рече Кариќ, „градоначалникот на градот Белград и доктор на науки, како што се претставува Шапиќ, треба да ги познава основите на меѓународното кривично право и пресудите на Меѓународниот трибунал за воени злосторства извршени на територијата на поранешната Југославија.

Треба да знае дека Меѓународниот механизам за кривични судови донесе второстепена пресуда со која ја потврди доживотната казна на Ратко Младиќ, поранешен генерал на војската на Република Српска, за геноцид во Сребреница, прогон на Бошњаците и Хрватите, тероризирање на граѓаните на Сараево и земање на членови на ОН како заложници“, наведе Кариќ во објава на Фејсбук.

„Имајќи го предвид големото незнаење и неинформираност“, истакна Кариќ, „Градската управа на градот Сараево официјално ќе ги достави судските пресуди што треба да се прочитаат, бидејќи како што самиот кажа, тој не бил во Босна и Херцеговина за тоа време, па не знае што се случило“. Таа додаде дека има институции кои знаат.

Александар Шапиќ, градоначалник на Белград

Форумот за безбедност и демократија (ФБД) од Белград беше уште поостар во осудата. Во соопштение Форумот ја оцени изјавата на Шапиќ како релативизирање на пресудите за геноцидот во Сребреница и ги повика советниците на градското собрание на Белград и на Собранието во целина на недвосмислено се оградуваат од антицивилизациските ставови на првиот човек на Белград!

ФБД смета дека ваквите изјави, покрај тоа што претставуваат запрепастувачко непознавање на вистината за едно од најтешките злосторства извршени во Европа по Втората светска војна, тие се и основа за утврдување на кривичната одговорност на градоначалникот Шапиќ за расна дискриминација, а и затворска казна.

„Во овој контекст, го повикуваме јавното обвинителство што поскоро да покрене истрага против градоначалникот Шапиќ, поради постоење основи на сомнение дека со своите јавни настапи сторил кривично дело расна дискриминација, согласно чл. 387 точка 5 од Кривичниот законик на РС“, се наведува во соопштението. Од ФБД велат дека ваквата изјава на Шапиќ дополнително му наштетува на веќе загрозениот углед на Србија како кандидат за членство во ЕУ.

Марко Милосављевиќ од Иницијативата на младите за човекови права вели дека „наместо да ги негира судските пресуди и да го претставуваМладиќ како спасител на српскиот народ во Босна и Херцеговина, градоначалникот треба да биде информиран дека за злосторството кое со пресудите на два меѓународни суда во Хаг и еден домашен суд се карактеризира како геноцид, се осуедени 47 лица на повеќе од 700 години затвор“.

Драган Поповиќ од Куќата за човекови права вели дека „да се занимаваш со мислењето на Шапиќ за што било, особено за воените злосторства и меѓународната правда, е прилично болна и залудна задача. Муралот на Младиќ е споменик на владеењето на Вучиќ и попрецизно сведочи за неговите вредности отколку сите извештаи и анализи“.  Тој е уверен дека муралот ќе стои сѐ додека не стигне наредба на кабинетот на Вучиќ.

Во крајно десничарскиот блок мислат поинаку. Бошко Обрадовиќ, претседател на националистичката партија Двери, вели дека на Ратко Младиќ му е место и во читанките и на муралите.

„Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, татковци основачи на РС, не треба да бидат на мурали, туку на насловните страници на историските книги како српски прваци кои спречија нов геноцид врз Србите на територијата на денешна БиХ, трет во истиот век, и оние кои заедно со српскиот народ ја направија РС најголемата српска победа во последните 100 години. Додека не дојдат во читанките ќе стојат на муралите и покрај волјата на Хашкиот трибунал и белградските автошовинисти“, вели Обрадовиќ.

Од кабинетот на претседателот Вучиќ, каде што се решава за сѐ во Србија, засега молчат. Очигледно таа дебата, според нив, не ги надминува гранците за вмешување. (Љ.П.)