Градоначалникот Георгиевски на Инфективна, позитивна на Ковид-19 и една вработена во општината


Општина Гази Баба соопшти дека градоначалникот Борис Георгиевски е згрижен на Инфективната клиника откако му е дијагностициран Ковид-19.

Појаснуваат дека поради хронична болка во пределот на бубрезите во понеделникот, по извршен медицински преглед и пропишана лекарска терапија, Георгиевски бил  на домашно лекување и работните обврски ги извршувал од дома, како и преку онлајн платформите за комуникација.

Во текот на вчерашниот ден, поради пројавени болки во пределот на градите, Георгиевски е упатен на дополнителни лекарски прегледи, по што по препорака на пулмолог е испратен на дополнителни испитувања во Клиничкиот центар во Скопје, каде му е направен и тест за Ковид-19 чии резултати денес се позитивни.

Градоначалникот Борис Георгиевски во моментов е на Инфективната клиника во стабилна состојба, а неговото семејство е во домашна самоизолација, без никакви симптоми поврзани со корона вирусот.

Исто така, во текот на вчерашниот ден е доставено известување од вработено лице во општината чиј тест за Ковид-19 е позитивен. Вработената во Општина Гази Баба е во стабилна состојба, без симптоми и целосно ги следи препораките на лекарите и епидемиолозите.

„Ја информираме јавноста дека во текот на своето работење, градоначалникот Борис Георгиевски, како и останатите вработени во општина Гази Баба постојано ги следат и почитуваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19. Сепак, според протоколите за функционирање, Општина Гази Баба веќе е во редовна комуникација со тим епидемиолози кои ја разгледуваат новонастанатата состојба и се преземаат нивните препораки и мерки за понатамошно постапување“, додаваат од општината.

Потенцираат дека во меѓувреме, општинскиот кризен штаб продолжува со редовна работа со цел заштита на здравјето на секој наш сограѓанин и е раководен од страна на Јовица Ѓоргиевски, началник на Општинскиот кризен штаб .

Општинската администрација останува целосно во служба на граѓаните на Гази Баба. Со потполно почитување на сите препораки и мерки кои имаат за цел зачувување на здравјето на вработените и граѓаните, истовремено продолжуваме со работа за редовно исполнување на барањата и потребите на сите граѓани и правни лица.

Како и досега, за сите преземени активности кои произлегуваат од тековното работење и надлежности на Општина Гази Баба, навремено ќе ја информираме јавноста.