Градоначалниците на Атина и Витлеем повикаа веднаш да прекине војната во Газа


Децата во Газа гладуваат и сакам од овде, заедно да испратиме порака до целиот свет дека оваа војна треба да престане, оваа војна треба да заврши. Сега, не утре, порача градоначалникот на Витлеем, Махер Никола Канавати на денешната прес-конференција во општина Атина, што ја организираа заедно со атинскиот градоначалник Харис Дукас.

Витлеем и Атина се побратимени градови речиси 40 години, а двајцата градоначалници заедно ја повторија нивната порака дека „геноцидот и војната во Газа треба веднаш да запрат“.

Канавати истакна дека во овој момент поканата од општина Атина значи многу „за луѓето од Витлеем и од Палестина без разлика дали се во Газа или на Западниот брег“ и детално говореше за ситуацијата во Газа.

– Сите знаат што се случува во Газа, но би сакал да кажам дека децата гладуваат, населби се уништуваат, нема вода, нема струја, не постојат лекови, а нема ни болници. Во Витлеем, што е далеку од катастрофалната ситуација во Газа и геноцидот што сите го гледаме со свои очи, ситуацијата е исто така лоша, со оглед на тоа што од почетокот на војната сè е затворено, невработеноста е зголемена, објасни градоначалникот на Витлеем, додавајќи дека „сè се распаѓа и во неговиот град“.

За Газа рече дека е потребна повеќе хуманитарна помош, но она што е важно е „пред сè да се стави крај на војната“.

прес градоначалници на Атина и Витлеем

Атинскиот градоначалник Харис Дукас нагласи дека во Газа има „неопислива трагедија“ и потребно сите да помогнат за да „запре геноцидот во Газа“.

– Витлеем е само половина час од Газа, но ги има истите страшни проблеми. Нè информираше градоначалникот дека затворени се и избрани градоначалници. Витлеем е град со силен христијански елемент, туристички град, но нема туризам. Два месеци не се платени вработените, нема бензин за камионите за ѓубре, а е град што е вон Појасот Газа, порача Дукас.

Потсети дека на 27 август, по негов предлог Градскиот совет изгласа резолуција со која „се осудуваат злосторствата на Израел и се признава без понатамошно одложување, Палестинската држава на границите од 1967 година“.

На прес конференцијата во општина Атина говореше и палестинскиот амбасадор во Грција Јусеф Дорком, кој рече „Газа моментално се срамнува со земја“, но и изрази надеж дека Грција ќе донесе одлука за признавање на Палестинската држава „така што сите идни преговори ќе се засноваат на решението за две држави, при што обете ќе бидат меѓународно признати.“

– Сите лидери говорат за решение со две држави. Сите ја признаваат државата Израел, но сите не ја имаат признато Палестинската држава, истакна амбасадорот.

Атина и Витлеем се збратимени согласно договорот во мај 1986 година, што беше обновен во август 2021 година.

Двајцата градоначалници вчера се сретнаа со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, во текот на денешниот ден ќе одржат одвоени средби со лидерите на четири опозициски партии, додека пак утре, се очекува да се сретнат со министерот за надворешни работи на Грција.