Градинката „Кукушка“ целосно обновена
Обезбедување современи, одржливи и квалитетни услови во детските градинки се врвни приоритети и заложби на Општина Центар.
Изминатиот период целосно се реконструираше објектот „Кукушка“ – клон на градинката „13 Ноември“ и обезбедени се нови функционални и безбедни просторни услови за престој на децата. Обновени се детските занимални и внатрешниот ентериер, ходниците, ѕидните површини и поставен е комплетно нов еколошки ламинат. Реконструирана е топловодната мрежа, фасадата на градинката и поставени се нови бехатон плочки во дворот на градинката.
„Како локална самоуправа продолжуваме да вложуваме во квалитетно предучилишно образование и најсовремени услови за престој во детските градинки на територијата на Центар, а оваа година започнуваме нова капитална инвестиција и изградба на нова детска градинка во населба Пролет“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Минатата година во градинките на територијата на Општина Центар се спроведоа неколку активности за обезбедување подобри услови за децата. Целосно се реконструирани објектите „Пепелашка“ и „Палешка“ – клонови на општинската градинка „ Раде Јовчевски Корчагин“, изведени по европски стандарди за квалитет и целосно е обновен стариот и оштетен под во матичниот објект на површина од 378 метри квадратни.
Детските занималните во објектот „Јасмин“ – клон на градинката „13 Ноември“ се комплетно реконструирани и поставени се нови дизајнирани шкафчиња, прилагодени за секојдневните потреби на децата. Поставени се и нови гумирани подлоги на детските игралишта во општинските градинки, кои имаат за цел да обезбедат зголемена безбедност и подобри услови за игра и рекреација кај децата, додека во месец декември минатата година пуштено е во употреба новото детско игралиште во објектот „Наум Наумовски Борче“ – клон на градинката „Кочо Рацин“ во соработка со HIPP Македонија.
Во однос на заштита на животната средина, центарската градинка „Кочо Рацин“ – објект Панорама е првата градинка каде се поставени топлотни пумпи за еколошко разладување и загревање на просториите и денес Општина Центар е општина, каде што нема повеќе објекти кои користат мазут или нафта за загревање кои се под нејзина ингеренција.