Градежниците предупредуваат: Цените на становите во Скопје ќе растат или ќе бидат исти – сигурно нема да се намалат
Трендот на поскапување на становите во Скопје продолжува со забрзано темпо, покажуваат податоците за последниот квартал од 2024 година.
Во овој период, цените пораснале за 10.6% споредено со истиот квартал во 2023 година.
Според градежниците, цените на становите можат само да останат исти или да растат, но никако да паднат.
Главни причини за тоа се: поскапување на градежните материјали, работната рака и услугите, недостаток на локации за градење, што предизвикува дополнителен притисок врз цените.
Ивица Јакимовски од Градежната комора истакнува дека укинувањето на деталните урбанистички планови (ДУП-ови), особено во општините Центар и Карпош, значително ја намалило понудата на недвижности, што дополнително ги подигнува цените.
„Недоволната понуда и зголемената побарувачка создаваат дисбаланс на пазарот, а тоа води кон постојан раст на цените,“ објаснува Јакимовски. Растечки цени на станови во сите населби Анализите покажуваат дека во централните делови на Скопје, како Центар, Карпош, Кисела Вода и Аеродром, цените достигнуваат рекордни нивоа: Во Центар, цената на новоградбите надминува 2.000 евра/м², а во поексклузивните згради достигнува и 2.500 евра/м², Во Карпош, становите на периферијата се продаваат за околу 1.800 евра/м², додека новоградбите достигнуваат до 2.000 евра/м², Во Чаир и Бутел, цените се зголемени за 30% во последните две години. Дури и старите станови, поради високата побарувачка, бележат раст на цените, со дополнителни трошоци за реновирање кои ја изедначуваат цената со новоградбите.
Од Градежната комора предупредуваат дека доколку не се донесат нови ДУП-ови и не се зголеми понудата на локации за градење, цените ќе продолжат да растат.
„Очекувањата се дека достапноста на станови за купување ќе биде сè помала, што ќе доведе до пораст на бројот на граѓани кои ќе живеат под кирија,“ вели Јакимовски.
Тој додава дека Македонија би можела да го следи примерот на земјите од Европската Унија, како Германија и Швајцарија, каде што половина од недвижностите се изнајмуваат.