Град Скопје се заложи за поголема грижа за слепите лица
Заради поефикасно остварување на социјална грижа за слепите лица, нивна поголема мобилност, вклучување во општествените текови и јакнење на социјалната сигурност, денеска во просториите на Град Скопје се потпиша меморандум помеѓу Град Скопје и Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.
– Со овој меморандум Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија се обврзува да подготвува извештаи за потребите на Град Скопје за состојбите поврзани со економската и социјалната сигурност на слепите лица заради потребата од адаптација, со цел отстранувањето на пречките, обезбедувањето достапност до информациите, како и јакнење на правата на слепите лица во нашиот град – рече Шилегов.
Овие извештаи Град Скопје ќе ги користи за унапредување на своите програмски активности коишто се однесуваат на подобрување на условите на слепите лица во Скопје.
– Во изминатиот период Градот и Националниот сојуз имавме интензивна соработка во насока на поддршка на Сојузот. Во таа насока, со Реконструкција на фискултурни сали во средните улилишта Михајло Пупин и Здравко Цветковски беа обезбедени спортски реквизити за слепи и слабовидни лица, при што во Михајло Пупин беше изградена и тактилна патека. Обезбедивме поддршка за спортски манифестации како што е традиционалниот 13. Ноемриски шаховски турнир и Goal ball натпреварот. Дополнително обезбедивме и бесплатни слободни легитимации за јавниот градски превоз за 320 корисници членови на Здружението за слепи на Град Скопје, а воедно организираме и групен превоз до излетнички места за членовите на ова здружение – кажа Шилегов.
Градот Скопје посветено работи на унапредување на квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, при што во континуитет презема мерки што ќе овозможат непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување на овие лица во општеството. За таа цел е отворен и првиот Дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид чиешто функционирање е помогнато од Градот како институција.
Претставникот на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија изрази благодарност до Град Скопје за поддршката што ја добиваат и нагласи дека Дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид е од суштинско значење за оваа категорија граѓани, бидејќи им овозможува на нивните членови секојдневно да се обучат за најважниот сегмент за нив ориентацијата во просторот, но ќе имаат можност да стекнат и други обуки и на македонски и на албански јазик.