Град Скопје пренамени стан во своја сопственост во шелтер-центар за жртви од насилство
Стан во сопственост на Град Скопје, денеска премина во рацете на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.
Таму ќе може да се сместуваат ќртви кои не можат да му избегаат на насилникот,а овој објект ќе претставува сигурност, заштита и нов почеток за жртвите на семејно насилство!
– Денес направивме чекор кој значи многу повеќе од формален чин, потпишавме договор и официјално предадовме стан во сопственост на Град Скопје на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, претставувана од извршниот директор Елена Димушевска. Со ова, една идеја за поддршка и заштита добива свој дом, своја врата која ќе биде секогаш отворена за оние на кои им е најпотребна – велат од Град Скопје.

Овој простор е засолниште, надеж и нова шанса. Место каде што стравот полека се заменува со сигурност, каде што тишината добива глас, а болката, разбирање.
Со обезбедување на соодветни услови за работа и згрижување, се зајакнуваат сервисите кои секојдневно обезбедуваат директна помош, советување, заштита и поддршка на жртвите.
Од безбедносни причини и за заштита на корисниците, локацијата на станот останува строго доверлива.
– Паралелно, преку јавниот повик за финансирање на здруженија, невладини организации и фондации, обезбедивме средства за сите сервиси за поддршка од превенција до директна заштита. Така обезбедуваме континуитет во работата на организациите кои се првата линија на помош и го зајакнуваме партнерството меѓу институциите и граѓанскиот сектор – додаваат од Град Скопје.
Вакви објекти отвори и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, а во времето на Данела Арсовска, тоа не се случи.