Град Скопје повторно субвенционира замена на грејни тела со поеколошки во Лисиче
Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање објави втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата од Лисиче кои се греат на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад со цел замена на старите грејни тела, со нови енергетски поефикасни.
-Дополнително на ова, на избраните домаќинства ќе им се помогне да ги заменат и старите (дрвени) прозорци и врати заради зголемување на енергетската ефикасност во објектите во кои живеат. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”, информира Град Скопје.
Според податоците за загаденост на воздухот, Лисиче се наоѓа меѓу најкритичните места во Скопската котлина.
– Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на областа Лисиче – индивидуални објекти за домување, близината на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и слично, оваа зона е предложена од експертите како тест област во која треба да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, велат од Град Скопје.
Сите информации за јавниот повик и формуларите за пријавување се достапни на следниот линк.