Град Скопје го врати данокот на оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови
Град Скопје го врати платениот данок за промет со недвижности на оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови, кои, покрај капар од 18 илјади евра, платија и данок за промет со недвижности во износ од близу пет илјади евра.
Станува збор за тројца од шестмината граѓани за кои МИА откри дека се оштетени со капар од 32 илјади евра при обид за купување на стан. Покрај тоа што биле измамени за капар од 10 илјади евра, своевремено, двајца различни купувачи платиле и данок за промет на недвижности за еден ист стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје. Во овој случај данок имаше платено и уште едно лице засегнато во измамата со капар од осум илјади евра, на кое, исто така, му беше вратен платениот данок.
Оштетените, по долго и упорно „висење“ на шалтерите, конечено, преку посредништво на МИА добија одговори дека данокот ќе им се врати по нивна и изјава од сопственикот на становите, за кои е платен данокот, дека не покажуваат интерес за понатамошната купопродажба.
Град Скопје во процесот на претходното истражување од страна на МИА, останаа затворени под образложение дека станува збор за случај кој е под истрага и не можат да споделат информации. Меѓутоа, непосредно пред објавувањето на сведоштвата на оштетените граѓани, по повторно барање на МИА да го споделат нивниот став, кажаа дека тоа што е обврска на Градот, согласно закон, ќе биде реализирано, па така и се реализираше.
МИА иницираше одговори и го следеше случајот континуирано, од пријавата за „Измама“, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост за агентот, сè до обвинителниот предлог кој Основното Јавно обвинителство го објави на 2 јуни, веднаш по известувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум, ги споделија своите сведоштва, како и тоа дека самостојно се обидуваат да добијат одговори, при што се пожалија на неажурност на институциите.
Поради пресумпција на невиност од приказната е изоставен идентитетот на обвинетиот. МИА продолжува да го следи случајот.