Господ да ја благослови Северна Македонија


ЕРОЛ РИЗАОВ

Кои пораки ги упати Франциско од Скопје до светот и до сите граѓани при првата апостолска и историска посета на еден папа, а кои злокобни застрашувања ги упати претседателот на државата на заминување Ѓорге Иванов, кој до последен ден цели десет години не се ни обиде да стане претседател на сите граѓани. На историската средба видовме типичен балкански примитивизам, кога некој сака да биде поголем папа од папата. Еве ги клучните извадоци и цитати за кои не е потребен коментар.

Папата Франциско: „Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконoстаси во старите цркви кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја и комплексните односи низ минатите години“.

Претседателот Иванов: „Мојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. Mорам да Ви признаам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ. Но верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности“.

Папата Франциско: „Оваа мешавина од етнички и религиозни култури и припадности, беа причина да се стигне до мирен и траен соживот, во кој посебните идентитети разбраа и можат да се изразат и да се развиваат без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите. Така беа оформени односите и ситуациите меѓу заедниците, кои од овој аспект, може да бидат пример за спокоен и братски соживот. Преку разликите и заедничката почит.

Овие посебни карактеристики во исто време се од важно значење за патот кон што побрза интеграција со европските земји. Се надевам дека оваа интеграција ќе се развие позитивно за целиот регион на Западен Балкан и дека заедно со интеграцијата ќе се развива и почитувањето на различностите и основните права“.

Претседателот Иванов: „Симболично, како Македонец, замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина. Иако сум православен христијанин, како претседател на секуларна држава, јас ги претставувам сите граѓани, независно од нивните верски и идеолошки уверувања и етничка и јазична припадност. За повеќе од една милијарда католички христијани во светот… Вие, како поглавар на Католичката црква, го симболизирате патот на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Пат што треба да го следиме и ние тука, во Република Македонија, независно од нашата вера или идеологија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и на сè уште неродените. И затоа ќе завршам со еден повик до сите мои сограѓани, до сите луѓе со добра волја и чисти срца, независно дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, независно дали се муслимани, Евреи или атеисти. Ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување, да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна“.

Папата Франциско: „Светиот Престол, од моментот кога Северна Македонија ја има независноста, со големо внимание го поддружуваше секој чекор кој вашата земја го направи за унапредување на дијалогот и за разбирањето меѓу властите и верските деноминации. Денес, божјата промисла ми ја дава оваа можност да ја искажам лично таа блискост и да ја изразам мојата благодарност за посетата. Ве охрабрувам да го следите верно започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе.

Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост!“

Претседателот Иванов кажа амин. Ама само во себе. Не кажа гласно поради зборот северна, оти можеше не дај Боже, некој да го чуе тоа сквернавење на библиското име.