Гори Вардариште, а Аеродром, Маџари, Хиподром, Јурумлери немаат струја

Два дена гори Вардариште, а во моментот екипи на противпожарната служба повторно го гасат пожарот.
Граѓани незадоволни на официјалните Фејсбук страници на општина Аеродром и неформалните групи споделуваат фотографи и испраѓаат повици да се стави крај на оваа практика, на Вардариште да се палат кабли за да се дојде до бакарот во нив.
Денеска пак, и поголем дел од населбата Ново Лисиче нема струја, а се претпоставува дека токму пожарот е причината за прекинот на електричната енергија.
РЦУК – Скопје, известува дека БППЗ од околу 12 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина гаснат запалена сува трева и отпаден материјал. Моментално во гаснењето учествуваат седум противпожарни возила и најмалку 20-тина пожарникари.
Поради опасноста од зафаќање на трафостаница и електрични водови, превентивно струјата е исклучена и поради тоа поголемиот дел од Општината Аеродром е без електрична енергија.
Поради голем пожар во депонијата Вардариште, а по барање на Противпожарната бригада, екипите на Електродистрибуција веднаш интервенираа на терен и ги исклучија од напон трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром” и „Скопје 4 – Исток”.
Во моментов 47.000 корисници се без снабдување со електрична енергија.
Напонот ќе биде повторно воспоставен по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и пожарот е изгаснат – информираат од Електродистрибуција.
Без струја се жителите на Аеродром, Ново Лисиче, но и Маџари, Хиподром, Стајковци, Инџиково и Јурумлери.
Во меѓувреме, жителите од околните населби пријавуваат силна и непријатна миризба од чадот, кој влегува во домовите. Дел од граѓаните се пожалија и на отежнато дишење, особено повозрасни лица и деца.
– Не можеме ни прозорец да отвориме, чадот влезе во становите – реагираат жители од Ново Лисиче на социјалните мрежи.