Горан не е само спомен, тој е присуство – одбележан 73-тиот роденден на големиот драмски автор Стефановски


Во Дебар Маало, на местото каде што спомените оживуваат, денеска беше одбележан 73-тиот роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски.
 
Настанот ,,Горан е тука“ што се одржа кај спомен клупата посветена на уметникот, беше исполнет со одлични уметнички изведби кои силно потсетија на неговото дело и на неговата трајна вредност за македонската култура.
 
„Горан не беше само писател – тој беше совеста на едно време. Со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина. Горан не е само спомен, тој е присуство”, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
 
Со читања на одбрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музичкиот сет на Игор Стефановски, синот на легендарниот драматург, впечатливата пантомима на Дарко Вељиќ, живите статуи, учество на пријатели и колеги од театарот, како и настапот на групата „Аудио Скопје“, беше создадена атмосфера што го оживеа духот на големиот автор.
 
 
„Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање“, додаде Герасимовски пред присутните.
 
 
Организатор на денешниот настан беше Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со целосна поддршка од Општина Центар, како дел од Програмата за култура за 2025.  
 
Општина Центар ја изразува својата почит кон ликот и делото на Горан Стефановски преку уредување на културни катчиња посветени на неговото творештво, меѓу кои е и триаголниот парк скулптурата на уметникот, како и ќошот со муралот со неговиот лик.