Горан Илијевски бара „Партизан“ да се огради од националистите што нѐ нарекоа „Јужна Србија“
Горан Илијевски, лидерот на Партијата на Македонците во Србија, во име на македонските навивачи на „Партизан“ побара од Ракометниот клуб „Партизан“ и од Спортското друшто „Партизан“ да го осудат и да се оградат од навредливиот транспарент на ракометниот натпревар Партизан-Вардар.
-Очекувам Ракометната федерација на Србија и надлежните институции во Србија енергично да реагираат на говорот на омраза и соодветно да го санкционираат, порача Илијевски во реакцијата. Тој нагласи дека цел живот е навивач на „Партизан“, како и голем број Македонци во Србија и во Македонија и ги моли вистински навивачи на овој клуб да се оградат од оваа група хулигани и националисти.
Ракометниот натпревар меѓу српскиот Партизан и македонскиот ракометен шампион Вардар, во рамките на регионалната СЕХА-лига имаше неспортска завршница, поради провокациите од домашните навивачи – „гробарите.“ Тие најпрво истакнаа грчко знаме и ги повикаа директно „комитите“, наведувајќи ги група со српско име која слави бугарски војник, алудирајќи на Гоце Делчев. На паролата што ја истакнаа „гробарите“ пишуваше „Група со српско име слави бугарски војник, мора да е тешко со таков комплекс во главата!?“ Покрај овие пораки, во телевизискиот пренос се слушаа и извиците: „Јужна Србија, никогаш Македонија“.На оваа порака не останаа должни ни „комитите“, кои одговорија со транспарентот „Живо ви е кралството колку и другарството“ .
За „гробарите“, ова не е првпат да провоцираат на ракометен натпревар против македонски тим, бидејќи на средбата со Еурофарм Пелистер, пред една година, скандираа: „Јужна Србија, никогаш Македонија“.