Големите јунаци Реџепи, Силјановска и Милошоски
ЕРОЛ РИЗАОВ
Најдобрата вест што стаса понеделнички е дека врне дожд на територијата на цела Демократска, Федерална, Народна, Социјалистичка, Република Македонија и Република Северна Македонија. По три месеци зимско-пролетна суша, незабележана досега, од македонското парче небо паѓаат златници. Овој априлски, иако задоцнет дожд, не може да ги врати изгорените шуми оти тие горат за еден ден, а растат сто години, но ако врне уште малку како што е редот во пролет, ќе вреди повеќе од сите наши пари поарчени на предизборни кампањи, лаги и ујдурми, дури повеќе отколку сите лустери и палати на ВМРО-ДПМНЕ. Дождот е вистински, во што можете да се уверите без да накиснете, а празните ветувања се „коњ прди, ветер носи“.
Но зборовите ако ги пуштиш „одврзани“, ако не ги измериш добро, можат да нанесат и голема несреќа, болка, навреда, омраза и неизмерна штета. Тројца големи јунаци ги снеубавија вестите за дождовите со своите неодмерени и тешки думи. Тие фрлија во етерот зборови со запален краток фитиљ нанесувајќи несогледливи штети. Тоа беа последните подвизи на Сулејман ефенди Реџепи, прв човек на Исламската верска заедница, на Гордана Силјановска-Давкова, проф. по уставно право и претседателски кандидат и Антонио Милошоски, познат квазипатриот и нарачател на лустрации од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Нивните отровни пораки искажани на различни места и по различни поводи имаат една ужасна заедничка матрица – омраза кон различните од себе.
Сулејман ефенди Реџепи кажал нешто што е далеку од верата и од човештината, несвојствено ниту на исламот, ниту на христијанството, ниту на која било вера која има свои следбеници во Македонија. Недолично за еден верски поглавар тој во село Арнакија, при поставување на камен-темелник на џамија, пред верниците со тешки навреди кон цел еден народ ги изговорил зборовите: „замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот. Ова се беспримерен див народ, затоа нема идентитет и нема да има никогаш, без разлика дали ние сакаме да му помогнеме.“ Сета ова омраза Реџепи ја истресол пред луѓето поради попречување на изградба на џамија. Ова е кажано на 14 март, а сега стаса пред јавноста. Досега ни Реџепи ни ИВЗ не ја демантираа ова скандалозна изјава.
Ете, тоа може да се случи во земја во која има повеќе цркви и џамии отколку училишта. Всушност, тоа и само таму може да се случи. Тоа е тажниот резултат на заслепеноста поради несразмерниот однос на штета на световното образование, но и на злоупотребата на верата и верското учење. Ефенди Реџепи треба да знае дека во Македонија, според официјални податоци, има 1.842 цркви и манастири и 715 џамии и муслимански верски објекти, а заедно со другите религии во земјата има близу 2.600 божји храмови. Додека основни училишта има само 989, а средни училишта само 118, сите главно во лоши услови далеку под нивото на 21 век и од пристојни стандарди, како и неспоредливо полоши, со верските богомолки, во кои учат над 350.000 деца. Затоа, ваквите тешки зборови од првиот човек на ИВЗ се голем грев бидејќи не се во согласност ниту со исламот ниту со реалноста по бројот на изградени верски објекти. Форсирањето на верата над световното образование е една од најголемите причини за заостанатоста и омразата и леснотијата на манипулацијата во која се впушти и поглаварот на ИВЗ.
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова изгледа дознала дека послабо стои од својот противкандидат, па ги прифатила сугестиите тврдо да гази на националистичка платформа навлегувајќи се повеќе во зоната на мракот. Почна да цитира туѓи мисли како свои искажани пред 122 години поточно на 19 јануари 1897 година. Англискиот државник Вилјам Гладстон во писмо до Бајронското друштво, напишано по сосема друг повод во врска со плановите за падот на турската империја и присвојување на туѓи територии на Балканот, напишал меѓу другото: А, зошто да не биде Македонија на Македонците, како Бугарија на Бугарите и Србија на Србите. Во денешно време во кампања на претседателски избори при сопствена независна држава и уставно конституирана пред 75 години на АСНОМ и со прогласување независност во 1991 година да се прокламираат вакви лелекања за гласови небаре Македонија не е држава на Македонците и на сите граѓани што живеат во Македонија, е рамно на шовинизам. Кој и каде кажал дека Македонија не е држава на Македонците. И, не е држава на Албанците, на Турците, на Власите, на Србите, на Ромите, на Бошњаците, на Египќаните и на сите што живеат во Македонија. Ова, ви се верува или не, го зборува проф. по уставно право и активист за граѓанско општество што сака да биде претседател мајка на сите граѓани.
И еве го сега патосот за придобивање на гласовите на Ромите чија држава не е Македонија по најновата теорија на Силјановска позајмена од 19 век. Проф. Силјановска вели: „мојата ќерка ја одгледа Ромка, па ако мојата ќерка е одгледана од Ромка, не гледам зошто не би побарала помош од Ромите.“ Оти Ромка ја одгледала нејзината ќерка, треба Ромите во знак на благодарност да гласаат за неа. Или, можеби, не сум разбрал добро, можеби Силјановска одгледала ќерка на Ромка, па сега во земјата која припаѓа само на Македонците треба сите Македонци, Роми и други да гласаат за неа. Добра теза за нов устав.
Антонио Милошоски, пак, среде Брисел во Европскиот парламент го избришал зборот „Северна“ од неговата пропусница за влез во зградата каде што не заслужува да влезе. Таков херојски чин направи кога го избриша името на Блаже Конески од великаните на Македонија и го нарече „џуџето од Небрегово“. Сега ќе лаеше на некој дијалект, а не на литературен јазик кој го научи од џуџето. Ако навистина има грам патриотизам во врвот на ВМРО-ДПМНЕ и кај приврзаниците на оваа партија, овој човек требаше да биде политички ликвидиран истиот ден, истиот миг, кога ја напиша најтешката навреда на Македонците негирајќи го творецот на македонскиот литературен јазик и нарекувајќи го џуџе. Ниту Милошоски ниту ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се извинија за тоа, како што не се извинија ниту за 11-годишната тиранија и грабеж. Се прашувам дали по сиве овие години Милошоски осозна кој е Конески и што претставува за македонската култура и нација. Политичар да напише во свој текст јавно нарекувајќи го со погрдни зборови творецот на литературниот јазик во која било земја во светот би било простување од политиката, во најмала рака. Денес Милошоски е пратеник, оди во Брисел да ги преработува добрите вести како трагични за Македонија. Вели, дури идната година 2020 ќе почнеле преговорите со ЕУ и ќе траеле осум до десет години, демек колку е тоа страшно. Па, човече божји, тоа и го бара Македонија, датумот да се одреди за почеток на преговорите идната година, кога ќе биде официјално завршен приемот во НАТО. За брзината со која Македонија ќе ги заврши обврските и ќе стане редовна членка на ЕУ, дали ќе бидат осум или десет години зависи од нас. Ако во јуни не се одреди датумот за почеток на преговорите со Брисел да биде на почетокот на идната година, виновни ќе бидат опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ за попречување на правдата за сторителите на тешки кривични дела и барањето за укинување на СЈО. Милошоски и времените наследници на Никола Груевски не ги интересира ни ЕУ, ни НАТО, ни иднината на Македонија, тие сè што прават е поврзано со амнестија.