Големиот сликар, Илија Пенушлиски, почина на 79 години


 

Илија Пенушлиски, сликарот кој остави извонреден белег во македонската уметност, почина на 79 години. Веста ја соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски во објава на социјалните мрежи.

„Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, вели Митрев-Пенушлиски.

Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022.

Роден е во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.

Неговата последна изложба, изложба „Градот“, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.

„Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш“, кажа тогаш Пенушлиски.

Тој тогаш рече дека престанал да го сака Скопје. „Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил. Чист воздух не ми годи на здравјето. Фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани. Денес од Скопје ми се допаѓа само името, ми ѕвони во ушите, ме потсетува на еде град кој веќе го нема. Скопје беше град со дух. Сега не можам да откријам ниедна улица што нема да ме извади од памет“.

„На Скопје му се случија две катаклизми, земјотресот 1963 и ‘Скопје 2014’.  Што сака човек од еден град? Не е само архитектурата, не се само луѓето, тоа е еден меланж од настани и од сопствени спомени. Скопје имаше дух, ако беше мал град, се однесуваше поградски отколку денес. Откако се случи ‘Скопје 2014’, центарот е забранета зона за мене. Не можам да ја поднесам таа грдотија“, рече Пенушлиски.