Големиот руски напад на Украина – експлозии во Киев и пет други градови


Руските сили утринава го нападнаа Киев и уште пет украински градови. Две лица загинаа во Херсон, а ранети се вкупно 21 лице, меѓу кои и едно деветгодишно девојче во Киев.

Деветгодишно девојче е меѓу седумте повредени откако Русија утринава изврши воздушен напад во Киев, изјави градоначалникот на главниот град.

Во објава на Телеграм, градоначалникот Виталиј Кличко рече дека повредените се пријавени во областа Дарнички во главниот град. Дете и 18-годишна девојка се хоспитализирани откако остатоци паднале од инфраструктурен објект врз станбена зграда, рече тој.

Нападнат е и Херсон, двајца загинати
Две лица загинаа во украинскиот град Херсон во најголемиот руски напад од 15 август, пренесува АП.

Нападот на вкупно шест украински градови беше извршен на Меѓународниот ден на мирот, во кој загинаа најмалку две лица, а 21 лице беа ранети. Нападот се совпадна и со одржувањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор и ја претстави својата „формула за мир“.

Министерот за внатрешни работи на Украина, Ихор Клименко, објави видео снимено во Черкаси, друг украински град кој утринава беше гранатиран од руските сили. На видеото се гледа спасување на ранет од урнатините на погодената зграда.

Клименко на својот канал Телеграм објави дека спасувачките операции продолжуваат, додавајќи дека се уште се трага по луѓе кои можеби се наоѓаат под урнатините.

Русите го нападнаа и Харков, двајца беа ранети
Две лица се повредени откако Русија утринава го нападна североисточниот град Харков, изјави украински официјален претставник. Во објава на Телеграм, Олех Синехубов, шеф на регионалната воена администрација во Харков, рече дека ранетите се пренесени во болница.

Синехубов претходно изјави дека нападите биле насочени кон градскиот кварт Слобидицки и дека ја оштетиле цивилната инфраструктура. Нападите уследија откако властите во Киев соопштија дека седум лица се повредени во руските напади рано утринава.

Белгија размислува да испрати авиони Ф-16 во Украина
Белгија размислува дали да ги испорача своите борбени авиони Ф-16 на Украина, изјави белгискиот премиер Александар Де Кро.

Белгија ги заменува своите Ф-16 со борбени авиони Ф-35, а нејзиното Министерство за одбрана претходно соопшти дека Ф-16 се премногу стари за Украина да ги користи во борба, иако Де Кро рече дека тие сè уште можат да бидат корисни, на пример за обука на пилоти. .

„Побарав од Министерството за одбрана да види каква употреба би можеле да имаат нашите Ф-16 во Украина“, рече Де Кро, говорејќи на маргините на состанокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк, додавајќи: „Мораме да ги разгледаме сите опции“.