Големи делови од Флорида се евакуираат заради ураганот Идалија
Вашингтон – Ураганот Идалија се приближува кон Флорида и може да се засили од прва до трета категорија со максимална брзина на ветерот од 130 километри на час, додека наредбите за евакуација стапуваат во сила во повеќе места на западниот брег на полуостровот.
Невремето се очекува „брзо да се интензивира“ и може да стане опасен ураган од трета категорија пред утре да удри на брегот на Флорида, изјавија денеска од Националниот центар за урагани.
Предупредувања за ураган и будност стапија во сила во делови од заливскиот брег на Флорода, со наредби за евакуација во некои области. Во вкупно 23 окрузи се воведени наредби за евакуација.
Жителите на крајбрежето се предупредени „да ги завршат подготовките“ за ударот на стихијата. Се купуваат основни прехранбени намирници и се складираат најнеопходните лекарства и вода за пиење.
-Завршете со подготовките, порачаа денеска од Националниот метерелошки севис во Тампа беј. Оттаму предупредуваат на ненадејни поплави, обилен дожд и тропски и урагански ветришта, зависно од локацијата. Можни се и неколку торнада.
Во меѓувреме Федералната авиоанска администрација ги пренасочи летовите и ги затвори маршрутите кон заливот, очекувајќи го ударот на Идалија.
Паралелно со овој ураган источно од полуостровот се формираше уште еден ураган, Франклин. Но неопасен за Флорида бидејќи се движи на североистак во Атлантикот, што сепак ги засега Бермудите.
Интензивна сезона на урагани беше очекувана од метереолозите, со оглед на екстремно жешкото лето и рекордно високата темпаратура на водата во Мексиканскиот залив и во делови Северен Атлантик, што на некои места достигаше и над 32 степени Целзиусови, повеќе од сезонсиот просек од 28 до 30 степени.