Голема загаденост на воздухот во Кочани покажаа испитувањата на средношколците
Висока концентрација на штетни честички и присуство на јаглерод диоксид во воздухот во Кочани се регистрирани при испитувањата што ги направиле 12 ученички тимови од Средното училиште „Љупчо Сантов“, во период од три месеци.
Во рамки на „Еразмус +“ проектот „Млади еко инспектори“, што партнерски се спроведуваше со градовите Пазарџик од Бугарија и Лариса од Грција, а во кој покрај средношклците беа вклучени и Здружението „Локална акциона група“ и Комуналното претпријатие „Водовод, учениците направиле вкупно 990 мерења на загаденоста на воздухот и водата на повеќе локации во Кочани. На денешната завршна презентација на проектот беше истакнато дека се констатирани загрижувачки параметри во одредени периоди од денот, претежно на локации во централното градско подрачје.
-Присуството на ПМ 2,5 честичките кај објектот на Македонска пошта со 11 микрограми на метар кубен е во рамки на прифатливите граници, но на улицата „Илинденска“ е измерена највисока концентрација којашто е за 8,3 пати повеќе од дозволената вредност. Во анализата за присуство на ПМ 10 честичките, од 990 мерења што ги направија учениците, повисоко ниво од 180 мг на метар кубен имаат 144 мерења, а највисоко ниво од 5,55 пати повторно е измерено на истата улица. За концентрацијата на јаглерод диоксид е регистрирана највисока вредност што е 4,7 пати поголема од дозволената и тоа при 13 мерења, истакна Соња Гушкова од КЈП „Водовод“.
На презентацијата беше нагласено дека се работи за податоци што се добиени со анализа на испитувањата за период од три месеци на почетокот на оваа година, кои имале едукативна цел. За да може целосно да се утврдат реалните вредности на концентрацијата на штетни честички во воздухот непоходни се мерења и анализи на подолг временски период, што најверојатно нема значително да отстапуваат од веќе утврдените.
За разлика од загаденоста на воздухот, испитувањата на примероците вода што се земени од реката и други отворени водотеци во Кочани покажале вредности што се на сериозно високо ниво, но не ги надминуваат граничните вредности на прифатливи параметри.