Голем снег на Пелистер, Копанки ја почнува новата скијачка сезона


На Пелистер падна еден метар снег

 

БИТОЛА – Голем снег падна на Пелистер овој викенд, над 1 метар, а ски центарот Копанки веќе се подготвува за почеток на новата сезона.

Снегот направи проблеми околу проодноста на патишта, ама затоа донесе радост кај вљубениците во скијањето.

Како течат работите на терен се очекува битолчани и посетителите од регионот првото скијање да го сефтосаат уште оваА сабота. Засега единствен проблем се неколкуте навалени бандери за довод на електрична енергија над патеката Копанки, предизвикани од невремето и тежината на снегот, и сѐ уште нема довод на струја.

Директорот на ЕСМ „Молика“, Горан Исков вели дека ЕВН е контактирана и се очекува проблемот да се реши час поскоро.  

Инаку според Исков подготовките за новата ски сезона на Пелистер започнаа навреме, од почетокот на есента и веќе се направени сите потребни реконструкции и проверки. Исчистени се камењата од патеката, проверена е конструкцијата на ски лифтот, променети се гуми и лежишта и сето тоа со на стручниот тим на АД ЕСМ – РЕК „Битола“ и ФОД – Битола за извршување на електромашински ремонти.

„Во завршна фаза сме со подготовките за почеток на ски сезоната на Копанки. Се проверуваат сите сегменти во делот на жичарата и стазата. Од оваа сабота сметаме дека сѐ ќе биде во функцијата, вклучувајќи го решавањето на проблемот што го имаме и со ЕВН со скршените бандери и прекинатиот довод на струја. Најважно е што имаме снег и оваа сезона ветува многу за Копанки и хотелот ‘Молика’“, вели директорот Исков за „Независен“.

Зимска идила на Пелистер

Годинава обновени се и корпите од жичарата со нова дрвена подлога на седиштата и заштита на металниот дел. А годинава после 40 години од темел е изградена и нова ски лифт куќарка.

Големите наноси од снег овој викенд предизвикаа проблеми во проодноста на патот од Битола кон хотелот „Молика“ на Пелистер.

Откако екипите на ЈП „Македонија пат“ не успееја да го пробијат патот до хотелот, на помош со механизација се вклучи приватната фирма „Боб кет“ од Битола и од вчера патот е пробиен и прооден за сообраќај.  Екипи на НП „Пелистер“ се вклучени во отстранување на искршените дрвја на патот.  

Хотелот „Молика“ на Пелистер во континуитет е полн со гости, а најчесто е посетуван од гости од соседните држави и туристи од неколку европски земји.

Реновирањето на хотелот „Молика“ заврши годинава и тој е адут плус за развој на зимскиот туризмот на Пелистер. Хотелот е оддалечен на околу 15 километри од Битола има преубав поглед кон градот Битола, демирхисарскиот крај, Пелагонија и Преспа. Во хотелот целосно се обновени сите соби, целата инфраструктура од водовод, канализација, плочки, подови, имаме нова фасада на објектот, а обновен е и  ресторанот со 200 седишта, направено и детско катче. (А.Б.)