Голем протест со тежок предупредувачки молк денеска во Кочани

Се носеа транспаренти за незадоволство поради тоа што пратениците на мнозинството одбија да го поддржат законот за помош на повредените и роднините на загинатите


Фото: Александар Митовски, „Инфомакс“

 

Родителите, роднините и граѓаните на Кочани се неутешни по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 62 лица. Денеска во 16,05 часот тие излегоа на уште еден протест кој веројатно беше најголем досега, затоа што на граѓаните им се придружија и луѓе од други градови. Поддршка со присуство на кочанчани денеска им дадоа и од иницијатива „Кој е следен“, па многу нејзини поддржувачи дојдоа во Кочани. Протестот беше шести по ред.

И денеска кочанчани преку транспарентите што ги носеа тврдеа дека се спроведува селективна правда и дека некои од оние што беа најдоговорни во моментот на трагедијата не се дел од истражната постапка. Имаше и транспарент – „Пратеници, голема (не)благодарност за поддршката“ – поради тоа што владејачката ВМРО-ДПМНЕ го одби предлог-законот на опозицијата за материјална и друга помош за настраданите и нивните семејства.

Мотото на денешниот протест беше „Системот убива – институциите молчат“. „Маршот за ангелите“, како што се нарекуваат овие протести, го организираа семејствата на починатите во пожарот во клубот „Пулс“.

Фото: Инфомакс
Фото: Инфомакс

Бидејќи институциите молчат и поворката во центарот на Кочани беше во молк, толку силен за да се наежиш. Немаше јавно обраќање на никој од родителите на децата кои ги загубија животите.

Во долга колона учесниците тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар, Општина Кочани, полициската станица и Основниот суд и Обвинителството. Со транспаренти „Нема трагедија, има злосторство“, „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, „Пратеници, голема (не)благодарност за поддршката“, „Затворени очи, отворени гробови“, „Корупцијата пали побрзо од оган“ присутните го искажаа револтот и незадоволството од бавната, задоцнета и селективна реакција на надлежните институции.

Фото: Инфомакс

Во чест на загинатите во „Пулс“, меѓу кои имаше и неколку келнери, се одржа симболична трка на келнерите во која се вклучија неколку локални угостителски објекти.

„Маршот за ангелите“ заврши на почетната точка во Паркот на Револуцијата, каде присутните со едноминутен молк во чест на починатите, а потоа и со громогласен аплауз им искажаа благодарност на учесниците кои им даваат поддршка на семејствата.

Фотографиите што ги објавуваме се од редакцијата на „Инфомакс“.