Голем пад на трговијата и инвестициите меѓу Македонија и Велика Британија


Минатата година значајно опаднала трговската размена мешу Македонија и Обединетото Кралство, но и инвестициите од овој важен трговски партнер на нашата земја.

Како што покажуваат податоците на Одделот за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 1,7 милијарди фунти заклучно со третиот квартал 2024 година, што е помалку за 21,9 отсто во однос на претходната година,

При тоа, извозот од Обединетото Кралство во Македонија паднал за 20,5 отсто на 1,4 милијарди фунти, а увозот (од Македонија во Обединетото Кралство, заб.) се намалил за 28,1 отсто на 292 милиони фунти.

Македонија е рангирана како 74-ти најголем трговски партнер на Обединетото Кралство, со 0,1 отсто од вкупната трговија на оваа земја.

Петте најзначајни производи кои се извезувале од Обединетото Кралство во Македонија до крајот на третиот квартал лани биле обоените метали, неоргански хемикалии, други хемикалии,
текстилни ткаенини и пијалоци и тутун.

Во спротивна насока, односно петте најувезувани производи во ОК од Македонија во истиот период биле мебелот, разни електрични стоки, општи индустриски машини, медицински и фармацевтски производи и метални руди и отпадоци.

Директните инвестиции (СДИ) од Македонија во Обединетото Кралство паднале на 1 милион фунти, што е пад од 88,5 отсто од 2022 година.

Директните инвестиции (СДИ) од ОК во Северна Македонија не се достапни за 2023 година, се наведува во информацијата. 

„И покрај овој пад, Македонија останува важен регионален трговски партнер, со обоени метали и неоргански хемикалии кои водат во извозот во Обединетото Кралство, додека мебелот и електричната стока доминираат во увозот во ОК“, се наведува во информацијата со која оваа институција ги дава најновите статистички податоци за трговијата и инвестициите меѓу ОК и Северна Македонија и  кој што беше објавен на крајот на минатот месец. Датум на следно планирано објавување е 21 февруари 2025 година, додаваат од британскиот Оддел за бизнис и трговија.

Инаку, најзначајна британска компанија која работи во земјава е „Џонсон Мети“, која доминира во македонскиот извоз со години. Според податоците објавени минатата година, компанијата во Македонија во 2023 година имала приход од 2,38 милијарди евра, помал за 4 насто во споредба со 2022 година, кога изнесувал 2,47 милијарди евра. Британската компанија произведува катализатори, а ја отвори својата прва фабрика во зоната Бунарџик во 2010 година.