Голем ирански напад со ракети и дронови врз Израел и земјите од Заливот
Иранските вооружени сили во текот на ноќта започнаа масовен бран напади со ракети и дронови насочени кон Израел и повеќе држави во Персискиот Залив. Додека израелската ПВО пресретна голем дел од проектилите, иранските медиуми блиски до Револуционерната гарда го опишаа нападот како најобемната операција од почетокот на војната.
Според израелските воени извори, ракетите кои не биле соборени паднале во ненаселени подрачја, но армијата веќе детектирала втор ракетен бран и е во состојба на целосна подготвеност.
Нападот ги опфати и соседните арапски земји. Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека нивните сили пресретнале седум балистички ракети и седум дронови над различни делови на кралството. Слични извештаи пристигнаа и од Кувајт, каде се соборени четири беспилотни летала, додека Обединетите Арапски Емирати активираа своите одбранбени системи и апелираа до граѓаните да останат во своите домови.
Воздушна тревога беше прогласена и во Бахреин, каде Иранската револуционерна гарда потврди дека една од главните цели била базата на Петтата флота на американската морнарица. Ситуацијата во регионот останува крајно напната со постојана опасност од нови воздушни удари.