Голем грабеж во хрватска ИНА: Продавале гас од бунарите, парите на сметка на пензионер

Од банкарските сметки на уапсените биле запленети речиси 1 милијарда куни (137 милиони евра)


 

Сите петмина уапсени под сомнение за голем грабеж на хрватската компанија ИНА остануваат во истражен затвор. Од банкарските сметки на уапсените биле запленети речиси 1 милијарда куни (137 милиони евра), а Н1 дознава дека тие се осомничени дека продавале гас од домашни бунари. Грабежот бил откриен преку пензионер, кој на сметката имал стотици милиони куни.

Поради грабежот, директорот во ИНА Дамир Шкугор, претседателот на Хрватската адвокатска комора (ХОК) Јосип Шурјак, неговиот деловен партнер Горан Хусиќ, со кој е косопственик на компанијата ОМС, таткото на Шкугор, Дане, како и претседателот од одборот на Плинара Источна Славонија Марија Раткиќ, беа уапсени.

Од извор близок до ИНА, Н1 неофицијално дознава дека се работи за продажба на гас од домашни бунари, која е многу слабо контролирана. Секоја продажба на тој плин се смета за чиста добивка за компанијата и затоа грабежот толку долго поминал незабележан.

Вториот, многу поважен детал е дека Владата била предупредена од Плинара на Источна Славонија за спорната висока заработка при препродажба на гас, но според сознанијата на Н1 од Загреб никој не реагирал.

Штетата за ИНА надминува милијарда куни, незаконската заработка на Дамир Шкугор и неговиот татко Дана Шкугор е речиси половина милијарда куни, додека Горан Хусиќ профитирал над 90 милиони куни, а Јосип Шурјак 68,9 милиони куни. На сметката на нивната компанија ОМС сѐ уште има над 200 милиони куни незаконски стекнат профит.

Шефот на Управата за спречување перење пари, Анте Билуш, изјави дека тоа е најголемата заплена на пари во Хрватска.

„Ова е специфичен систем бидејќи резултираше со блокирање на најголемиот износ во историјата на Управата, околу 813 милиони куни во осум деловни банки на 16 сметки, во 6 отворени инвестициски фондови. Идентификувани се блокираните имоти стекнати во оваа постапка“, додаде Билуш.

Тој рече дека сѐ започнало со известувањето на банката, и дека е важно да се осигура парите да не исчезнат од Хрватска, па затоа е постигнат договор да се спречи обид за префрлање на парите додека тие биле во Хрватска.

„Повеќе од една банка ги детектираше своите клиенти“, рече Билуш, додавајќи дека парите биле блокирани во саботата.