Годишната инфлација во еврозоната 5,2 отсто, најниска е во Данска 2,3 отсто
Според конечните податоци, годишната стапка на инфлација во еврозоната во август изнесуваше 5,2 отсто, објави денеска Евростат.
Овој резултат е помал од прелиминарната проценка од 5,3 отсто, а инфлацијата во еврозоната сега е најниска од јануари 2022 година.
Во август 2022 година, стапката на инфлација во еврозоната беше 9,1 отсто. На месечно ниво, инфлацијата во август во однос на јули бележи пораст од 0,5 отсто. Основната стапка на инфлација во еврозоната во август изнесуваше 5,3 отсто, согласно прелиминарната проценка.
Годишната стапка на инфлација во ЕУ во август падна на 5,9 отсто од 6,1 отсто во јули, а во август минатата година беше 10,1 отсто.
Најниска стапка на инфлација во август е забележана во Данска – 2,3 отсто, Шпанија и Белгија – 2,4 отсто, а највисока во Унгарија – 14,2 отсто, Чешка – 10,1 отсто и Словачка – 9,6 отсто.