Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје


На 06.12.2023 год. (среда) во 19.30 часот во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје, ќе се отвори Годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје.

Станува збор за презентација на 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Родољуб Анастасов, кои се дел од колекцијата на Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, вредна донациска збирка која брои околу 400 дела кои потекнуваат од различни временски периоди (од 1957 до 2010) и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. Овогодинешната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен – “Човек и простор”, “Човек и време”, “Во потрага по изгубениот простор”, импресивните цртежи од циклуситe “Делување на елементите”, “Промена на обликот”, “Трансфигурирање”, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година, и кои  припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија.

Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, Анастасов ги изнесува со симболичен, психолошки набој што го карактеризира неговото творештво.

Меѓу строгоста на формата и меланхолијата, тој го истражува просторот во и околу човекот, надворешниот – реален и физички и внатрешниот – имагинарен и метафизички. Како контратежа на сцените со раздвижени толпи на луѓе во кои речиси можете да го слушнете уличниот џагор, се насликани тивките, осамени, широки пространства во кои човекот е изолиран и сам како во пустина. Понекогаш авторот се става во улога на тивок и дистанциран набљудувач на светот околу него, свет кој се наоѓа надвор од неговиот прозорец…

Со огромна сугестивност и поетика, Анастасов ја слика драматиката и динамиката на животот, неизвесноста на времето во кое живееме, секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри…

Следејќи ја досегашната концепција на поставки и оваа изложба е годишна, односно ќе биде поставена и ќе трае во временскиот период  – од декември 2023 до декември 2024, во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје.