„Гнездо“ – прв дневен центар во земјава за деца и семејства во социјален ризик

Во Скопје денеска ќе биде отворен дневниот центар за деца и семејства во социјален ризик „Гнездо“. Ова е прв центар од ваков тип во Северна Македонија, иницијатива посветена на јакнење на децата и семејствата во социјален ризик.
Дневниот центар „Гнездо“, како што се посочува во соопштението од здружението Новинари за човекови права, е основан со поддршка од австриското Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, во соработка со ЕКПАТ Австрија, а во рамки на проектот „Зајакнување на иднината“.
Предвидено е центарот да фунционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.
На свеченото отворање обраќања ќе имаат државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади Фатмир Сабриу, аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија Харалд Бреза Фугер, поддржувачи и партнери, а ќе биде одржана и добротворна аукција, со цел да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот.