Гнев во ЕУ: Зошто се дозволи Унгарија да претседава со состанокот за владеење на правото?
Унгарската влада претседаваше со разговорите со ЕУ за почитување на демократските стандарди низ целиот континент, во развој што еден истакнат европратеник за „Гардијан“ го опиша како „срамота“. Владата на Виктор Орбан е под процедура на санкции на ЕУ од 2018 година поради претставување „системска закана“ за демократијата и владеењето на правото.
Околу 19 милијарди евра од фондовите на ЕУ се замрзнати поради загриженоста за контролата што ја прави Будимпешта врз судиите, поради ограничување на академската слобода и порди нејзиниот неуспех да се справи со корупцијата. Сега е казнета со 1 милион евра дневно, како додаток на казната од 200 милиони евра од највисокиот суд на ЕУ за одбивање да се усогласи со европското право кое ги гарантира правата на барателите на азил.
И покрај тој каталог на казни, на Унгарија, како носител на ротирачкото претседавање со ЕУ, ѝ припадна да претседава со состанокот на министрите за европски прашања денес во Брисел за годишниот извештај за владеење на правото на ЕУ. Овој документ го оценува интегритетот на поделбата на власта, антикорупциските мерки и слободата на печатот во сите 27 земји-членки и четири земји кандидати за ЕУ, меѓу кои беше поканета и Македонија.
Објавен во јули, извештајот на ЕУ заклучи дека отсуството на истраги и гонење на случаи на корупција на високо ниво во Унгарија останува „сериозна загриженост“ и изрази тревога за независноста на јавниот медиумски сервис и „клеветењето“ на групите на граѓанското општество, меѓу другите прашања.
Даниел Фројнд, германски европратеник од Зелените и истакнат критичар на владата на Орбан, рече дека дозволувањето Унгарија да претседава со состанок за владеење на правото никогаш не требало да се случи.
„ Земја која е под член 7 процедура- основна вредносна санкција – која има милијарди од нејзините фондови на ЕУ замрзнати поради кршење на владеењето на правото, која штотуку е казнета со 200 милиони евра, плус со 1 милион евра дневно за кршење на владеењето на правото , сега претседава со дебатата за состојбата на владеењето на правото. Тоа е срамота“, рече тој.Останатите земји-членки на ЕУ требаше да се вклучат за да ја спречат Унгарија да претседава со состанокот, рече тој.
Запрашан за кредибилитетот на Унгарија да претседава со дискусиите на ЕУ за владеењето на правото, унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока, одговори: „Унгарија ги извршуваше своите должности од претседавањето како чесен посредник кој искрено соработува со сите земји-членки и институции и не добив никакви други индикации од која било друга земја-членка или институција“.
Дидие Рејндерс, комесарот за правда на ЕУ, не одговори директно на прашањето, но рече дека Комисијата е на располагање на министрите на ЕУ да организираат дискусии според процедурата за санкции од член 7 „но тоа зависи [од] агендата на претседателството“.
За време на состанокот, министрите ја критикуваа Унгарија за неуспехот да ја нагласи поддршката за Украина во рамките на нејзината шестмесечна програма за претседателство. Шведската министерка за прашања на ЕУ, Џесика Розенкранц, рече дека многу земји интервенирале за поддршка на Украина.
„Бев многу јасна во барањето на двете, дека Унгарија треба да биде чесен посредник и беше многу жално што тие не ја истакнаа поддршката за Украина во нивната работна програма“, рече таа.
Таа рече дека е правилно Унгарија да претседава со дебатата бидејќи е „многу важно за унгарското претседателство да ги слушне сите овие многу јасни и силни точки“ за Украина и за владеењето на правото.
Откако го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со ЕУ на 1 јули, Орбан ги налути лидерите на ЕУ со самонаречената мировна мисија во Москва, Пекинг и приватната резиденција на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго. Како одговор, некои министри ги бојкотираа неформалните состаноци на ЕУ во Унгарија, но вообичаениот календар на ЕУ во Брисел главно продолжи како и обично. Европската комисија минатата недела соопшти дека ќе ја одбие неплатената судска казна од 200 милиони евра од претстојните исплати на Унгарија од ЕУ и дека упатила барање за исплата на дневните казни во вредност од 93 милиони евра до Будимпешта.
На состанокот, Шведска и Финска рекоа дека фондовите на ЕУ треба да бидат поцврсто поврзани со почитувањето на владеењето на правото. Розенкранц и нејзиниот фински колега, Јоаким Странд, рекоа дека ЕК „треба да продолжи целосно да ја користи“ регулативата на ЕУ што ги врзува фондовите на ЕУ со почитување на владеењето на правото и справување со корупцијата.
„Нашите даночни обврзници треба да веруваат дека заедничките средства на ЕУ се користат соодветно и одговорно“, напишаа тие во заедничкото писмо до Комисијата. На состанокот учествуваше и министерот за евроинтеграција на Македонија, Орхан Муртезани.