Глумците пееја две вечери на тема Евросонг. Имаше и гласање, еве кој победи (фото)


Тања Кочовска и Софиа Насевска-Трифуновска, како „Azucar Moreno“, ја испеаја „Бандидо“/ Фото: О. Ацевски

Три часа публиката во преполната НОБ, синоќа, на втората вечер, уживаше во македонската пародија на Евросонг и што би се случило ако изборот се одржи кај нас во далечната 2134 во реновираната Универзална. Имаше доволна смеа, досетки, евровизиски хитови, па дури и гласање на победникот, кој беше изненадување.

Фото: О. Ацевски

Водителската двојка, Миланка Рашиќ, препознатлива по Евросонгот и Оскарот и актерот Горан Ников маестрално не водеа низ вечерта, се пресоблекуваа неколку пати – од костуми и тоалети до народни носии, се проверуваа седиштата во салата, се фрлаа лопати, беа подготвени (преку роднински врски) да ги сместат евровизиските учесници по куќи, да ги најадат и да ги напијат ,  и на крај се избра победникот, надвор од гласањето, преку врски „од горе“.

Слаѓана Вујошевиќ , како Сертаб Еренер од Турција / Фото: О. Ацевски

А на „евровизиската“ сцена, беа изведени вкупно 27 странски и домашни евровизиски хитови од четириесетина млади, но и докажани актери, со музичка поддршка на оркестар од 22 члена, под диригентска палка на Љупчо Мирковски.  Новите аранжмани на сите песни се на пијанистот Бобан Мирковски.

Ања Митиќ ја изведе Молитва на Марија Шерифовиќ/  Фото: О. Ацевски

Ги слушнавме  „Life“ од Тоше Проески, „Proud“ (Горда) на Тамара Тодевска, ги слушнавме и Наталија Теодосиева, Нина Деан, Ангела Димитрова и Слаѓана Вујошевиќ како ХХЛ со „100 посто те љубам“… Се потсетивме и на групата „Рива“ од Задар, која ѝ ја донесе првата победа на Југославија во 1989 г., со песната „Rock Me”. На сцената се појави и Маја Андоновска-Илијевска како Тајчи со „Хајде да лудујемо“, Нина Деан како Сања Долежал со „Нови фосили“ и песната „Ја сам за плес“, Жељко Јокисмовиќ со „Лане мое“, Руслана, групата „Атена“… Марина Поп-Панкова и Горан Трифуновски, во чест на неодамна починатата Слаѓана Милошевиќ, ја испеаја „Принцеза“, дуетот со Дадо Топиќ… Роберт Ристов ја пееше „Вукови умиру сами“, Бедија Беговска настапи во придружба на Славјанскиот хор. Арна Шијак беше Констракта, додека Тања Кочовска и Софиа Насевска-Трифуновска, како „Azucar Moreno“, ја испеаја „Бандидо“. Ана Костадиновска и Сара Пројковска беа придружни вокали. За на крај да настапи АББА, но надвор од конкуренција.

Бедија Беговска/ Фото: О. Ацевски

Иако најмногу гласови, со телефонско гласање што се одржа во салата, имаа Жарко Димовски, кој како Здравко Чолиќ ја пееше „Гори ватра“ и Весна Петрушевска-Бејби, која заедно со малите актери ја изведе песната „Није љубав ствар“ од Жељко Јоксимовиќ, победник беше Бајрам Северџан, кој заедно со Љупчо Мирковски и Бојан ја изведе песната од Тото Кутуњо – „Заедно“ (Insieme), со која италијанскиот пејач, во 1992 година, повика на обединување на Европа.

Жарко Димовски како Здравко Чолиќ ја пееше „Гори ватра“/ Фото: О. Ацевски

„Глумците пеат“ ги осмисли и организираше Марин Бабиќ, актерот кој почина во 2022 . На шармот на Бабиќ се потсетивме на видеобим на почетокот од шоуто. Во негова чест, ќерките Маја и Ира Бабиќ лани ги вратија „Глумците“ на сцена по 17 години пауза. (Л.С.)

Славјански хор со Бедија Беговска/ Фото: О. Ацевски
Рубенс Муратовски и Исидор Јованоски како членови на „Атена“ со „Фор риал“/ Фото: О. Ацевски