„Глумците пеат“ две вечери во НОБ


Евросонг и што би се случило ако изборот се одржи кај нас – е тема на годинашната манифестација „Глумците пеат“ на која познати хитови, домашни и странски, ќе изведат актери од сите театри во земјава, во организација на Маја Бабиќ од „Баги комуникации“, ќерка на актерот Марин Бабиќ,  идејниот творец и организатор на „Глумците пеат“ пред 30 години. 

Изборот на темата е доволно да биде смешно и забавно, сметаат организаторите на шоуто кое ќе се одржи во две вечери, на 29 и 30 март, во НОБ.

Според режисерот Пројковски, „Глумците пеат“ е „фабрика за производство на забава“. Манифестацијата, рече тој, не се занимава со ретроспектива, со историјатот на Евровизија, и целта не била да се изберат најдобрите песни од тој натпревар.

Манифестацијата, која се одржува по повод Светскиот ден на театарот 27 Март, ќе ја водат двајца водители кои не беа откриени. Како што кажа Бабиќ, едниот публиката ќе го запознае, а од другиот ќе се изненади.

Организирањето на „Глумците пеат“ е поддржано од неколку спонзори, а првпат доби поддршка и од Министерството за култура.