Глобалниот данок за милијардерите е на дневен ред. Дали некогаш ќе се случи?
Финансиските службеници од најголемите светски економии неделава започнаа разговори за воведување глобален минимален данок за милијардерите.
Претставниците на земјите од Г-20 разговараа за предлогот на самитот во Сао Паоло, Бразил, две години откако историскиот договор покажа дека светот може да дејствува заедно во одредувањето минимална даночна стапка од 15% за мултинационалните компании.
Според Даночната опсерваторија на ЕУ, супербогатите во големите земји плаќаат далеку помал дел од својот приход во даноци отколку обичните луѓе. И нивното богатство тешко се оданочува, со ефективни стапки од само 0%-0,5%.
Практиките кои се движат од нелегално даночно затајување до искористување на дупките во даночните системи или едноставно преселување во земји со пониски стапки, ги лишуваат владите од очајно потребниот приход во време на зголемени долгови.
„Прогресивното оданочување е клучен столб на демократските општества“, рече Габриел Зукман, директор на истражувачката група поддржана од ЕУ, пред лидерите на самитот, кој заврши во четвртокот. Сегашната светска крпеница на даночни режими не успева „соодветно да ги оданочува поединците со најголема способност да плаќаат даноци“, додаде тој.
Слично на тоа, минатиот месец во извештајот на Оксфам се вели дека „во земјите како Бразил, Франција, Италија, Велика Британија и САД, супербогатите плаќаат ефективна даночна стапка пониска од просечниот работник“.
Речиси 80% од милијардери во светот живеат во земјите на Г20, според добротворната организација.
Даночната опсерваторија на ЕУ предложи, меѓу неколкуте рани идеи, да се постави минимален глобален данок од 2% на нето богатството на милијардерите – односно вредноста на нивните средства штом ќе им се одземат долговите – што според неа може да генерира 250 милијарди долари годишно.
Тоа е еквивалентно на половина од дополнителните средства што ги бараат африканските земји секоја година за транзиција кон почисти извори на енергија, според извештајот објавен во ноември 2022 година, од Независната експертска група на високо ниво за климатски финансии.
Милијардерите кои веќе плаќаат 2% нема да бидат дополнително оданочени според предлогот.
Постигнувањето договор меѓу Г-20, кој ги вклучува САД, Европската унија, Кина, Индија, Бразил, Саудиска Арабија и Аргентина меѓу другите, ќе биде тешко и може да потрае многу долго.
„Ова е само почеток на патот. Преговорите за минимален данок на корпорациите траеја со години“, изјави за Си-Ен-Ен Квентин Паринело, висок советник за политика во Даночната опсерваторија на ЕУ.
„Но, меѓународниот договор изгледаше утописки во тоа време, а сега го имаме – така што постои преседан“.
Паринело рече дека супербогатите биле во можност да ги прикријат своите пари и да избегнат да плаќаат големи даноци, на пример, „паркирајќи“ ги во холдинг компании, доверителски фондови или користејќи ги како колатерал против заеми.
Практични главоболки
Глобалниот минимален данок за милијардерите би бил покомплициран за спроведување од оној воведен за корпорациите, вели Арун Адвани, професор по економија на Универзитетот во Ворвик.
Мултинационалните компании се со седиште во повеќе земји, рече тој за Си-Ен-Ен, со што е полесно да се одреди кои влади треба да бараат даночни плаќања и затоа да се процени дали фирмата ја платила глобалната минимална стапка. Спротивно на тоа, милијардерите честопати се повеќе мобилни, што го прави помалку јасно кои власти ќе треба да го користат нивното богатство.
„Не е сосема очигледно што е за нив ‘дома’“, рече Адвани. (Тие би можеле да кажат) „Ќе поминувам многу време одејќи во театарот во Лондон. Ќе поминам многу време во Њујорк, правејќи шопинг. Ќе поминувам многу време на мојата јахта… но сакам мојот данок да биде со седиште во некоја многу специфична земја.“
Поединците, исто така, имаат тенденција да плаќаат поголем број даноци од компаниите, рече Адвани, како што се даноците на приход, капиталните добивки и придонесите за социјално осигурување. „Хармонизирањето на сите тие работи на меѓународно ниво е доста тешко да се направи“. (Си-Ен-Ен)