Главниот пропагандист на Путин има стан во Лондон и британско државјанство

Пратеници бараат владата да му го одземе државјанството на Сергеј Брилев, водител на државната телевизија Росија 1


Сергеј Брилев го интервјуираше Путин во 2020 година

 

Еден од најпопуларните руски телевизиски презентери, кој е обвинет дека е пропагандист на рускиот претседател Владимир Путин, има британско државјанство и семеен стан во западен Лондон.

Сергеј Брилев известуваше за војната во Украина на државно контролираната Росија 1, која строго ги следи пораките на Кремљ. Каналот ја опишува војната како „специјална воена операција“ започната за заштита на украинските граѓани од „злоупотреба и геноцид“.

Министрите од британската влада се под притисок да воведат санкции за Брилев. Лабуристичкиот пратеник Стивен Кинок побара во парламентот Министерството за внатрешни работи да „преземе чекори за да му го одземе британското државјанство, да му забрани влез во ОК и да го замрзне неговиот имот во ОК“. Министерството за внатрешни работи минатата недела соопшти дека нема да коментира за поединечни случаи.

Кинок рече: „Ми се чини дека има јасен доказ дека Сергеј Брилев е пропагандист на Кремљ и игра важна улога во поддршката на варварската војна на Путин во Украина. Британската влада мора да спроведе целосна и темелна истрага за г-дин Брилев за да процени дали тој треба да биде санкциониран. Со оглед на информациите што ги видов, се чини дека случајот е јасен дека тој треба да биде цел на санкции“.

Други руски телевизиски водители веќе се соочија со санкции од ЕУ поради дезинформациите поддржани од државата за инвазијата во Украина.

Олга Скабеева (37), водителка на токшоу на Росија 1, е под санкции од ЕУ минатиот месец, обвинета за ширење „антиукраинска пропаганда“. Друг водител на каналот, Владимир Соловјов (58), исто така беше цел на санкции од ЕУ. Објавено е дека две вили во негова сопственост на езерото Комо во Италија, во вредност од 8 милиони евра, биле одземени од властите.

Брилев е еден од најпознатите руски радиодифузери. Тој беше официјален ко-коментатор на претседателската инаугурација на Путин во 2018 година, кога беше обвинет дека не известувал за протестите и притворите поврзани со церемонијата. Тој е, исто така, член на рускиот совет за меѓународни работи, коосновано од руското Министерство за надворешни работи и со кој претседава министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Брилев работеше во Лондон како дописник од 1996 до 2001 година. Меѓу неговите интервјуирани беа Путин, Барак Обама и Дејвид Камерон.

Истрагата од сега затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални во ноември 2018 година откри дека тој бил на избирачкиот список во Британија, а неговата сопруга поседувала стан во Чисвик, западен Лондон, купен за 700.000 фунти во март 2016 година.

Презентерот ги потврди тврдењата на Фејсбук, пишувајќи: „Мојата прва британска дозвола за престој и второто државјанство е факт што моите работодавци многу добро го знаат… Што се однесува до имотот во Лондон, тој е купен преку фондови чии извори се транспарентни и добро познати на релевантните финансиски и даночни власти“.

Евиденцијата на земјиштето што ја испита „Обсервер“ минатата недела откри дека сопругата на Брилев, Ирина, сè уште го поседува имотот.

Многу западни новинари беа принудени да се повлечат од Русија поради новиот закон усвоен претходно овој месец со затворски казни до 15 години за ширење „лажни вести“. Россија 1 главно го пренесуваше ставот на Кремљ за украинскиот конфликт, известувајќи дека „специјалната операција“ се одвива според планираното. (Опсервер)