Ѓурчиновски го донесе првиот медал за Македонија на ЕП во билијард

Петнаесетгодишниот Андреј Ѓурчиновски испиша историја со освојување на бронзен медал во категоријата „десетка“ на Европското првенство во билијард за играчи до 17 години, кое се одржува во Подчетртек, Словенија.
Ова е четврт настап на Ѓурчиновски на големите континентални собири, при што тој минатите години остваруваше пласмани како делба на петтото место со пласман во четвртфинале.
Согласно пропозициите, младинците играат во четири поединечни дисциплини, а некои земји се натпреваруваат и во екипна конкуренција.
До својот прв медал Андреј Ѓурчиновски стигна со пет победи во низа меѓу вкупно 77 пријавени играчи од триесет и две европски земји.
– Денот беше навистина долг, имав пет дуели и во нив успеав да остварам победи, па дури во полуфиналето почувствував замор. Сепак, бев сопрен на патот кон финалето од актуелниот првак Макс Бенко (Словенија) кој покажа дека е подобро подготвен во моментов. Среќен сум што ја оправдав довербата и што успеав да стигнам до медал со кој нашата земја може да се гордее, изјави Ѓурчиновски.
Натпреварите на Европското првенство ќе траат до 22 јули, кога се игра последната дисциплина, популарно наречена „деветка“