Ѓулистана Марковска: Не може Мицкоски да не сака да оди на лидерска кај претседателот


Во контекст на случувањата со ветото на Бугарија за Македонија на патот кон Европската унија, поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, не може да се сложи со однесувањето на сегашниот претседател на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Таа, во „Само вистина“ рече дека лидерска средба на ниво на партии, како што бараше Мицкоски, е сепак пониско ниво од лидерска средба кај претседателот на државата.

– Ве викнал претседателот, „таткото“ на нацијата за да изградите некој заеднички, државен став, во однос на прашањето со Бугарија и вие од позиција на лидер на опозиција, велите, е сега не одам. Не може тоа така. Лидерска средба на ниво на партии се прави во собрание и тоа е политички договор, не државен – смета Марковска.

Од друга страна пак, Марковска, во однос на барањето на опозицијата на собраниска комисија да дојде министерот за надворешни работи и да објасни што се случува во односите со Бугарија, е сосема легитимно. И тоа, според неа требаше да се случи зад затоврени врати.

– Должност на министерот е да објасни пред пратениците како одат преговорите. Сепак, ако таа комисија се искористеше за добивање ситни политички поени од опозицијата, тоа немаше да биде во ред – вели Марковска.

Таа смета дека во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе, интелигентни, паметни, но и со искуство, кои треба пошироко да ја гледаат сликата, а во јавноста излегуваат само со предлози, кои главно, би донеле само ситни политички поени на партијата.