Ѓорѓиевски потпиша 100 решенија за легализација во Кисела Вода
Новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вчера потпиша и достави 100 решенија за легализација на објекти и порача дека граѓаните на Кисела Вода повеќе не смеат да бидат жртви на неажурноста на општинската администрација.
„Отсега, секој поднесен документ ќе биде процесиран во најбрз можен законски рок, а администрацијата ќе биде вистински сервис на граѓаните.
Денес, потпишав 100 решенија за легализации и лично заедно со мојот тим ги доставивме на граѓаните кои со месеци чекаа остварување на своето граѓанско право.
Кисела Вода мора да биде општина од 21.век, општина во која секој ќе биде еднаков. Кисела Вода за сите луѓе“, вели Ѓорѓиевски.
Денеска пак, во гостувањето на „Утрински брифинг“, рече дека во општинската каса е празна, а има многу долгови.
„Буџетот на општината за жал е во катастрофална состојба, јас практично го наследив буџетот со околу 20 милиони денари на сметка. А долгови само спрема Светска банка имаме околу милион и 700 илјади евра, а доспеани и недоспеани обврски се околу милион и 300 илјади евра. Што значи дека имаме сериозни долгови како општина практично околу 3 милиони евра е вкупниот долг, а многу мали средства на располагање. Но, јас во кампањата и како ветување пред моите сограѓани пред да бидам избран за градоначалник кажав дека нема да бидам човек кој што ќе се жали, туку ќе бидам човек кој ќе изнајде решение и верувам во тоа дека ќе најдам начин заедно со мојот тим во наредниот период да се справиме со овие проблеми и нормално да пристапиме кон решавање на проблемите на нашите сограѓани“, истакна Ѓорѓиевски.
Додаде дека тука е да им помогне на граѓаните во решавање на проблемите и да им обезбеди подобри услови за живеење во општина Кисела Вода.
„Имаме катастрофална лоша инфраструктура, имаме проблем со градинките односно има недостаток на места и други купишта на проблеми кои што со години се таложеле наназад. Она што мене ми е приоритет оние работи кои што се отпочнати, улици кои што за жал пред изборите се ископаа тоа се многу улици низ Кисела Вода првенствено треба да ги санираме за да не дозволиме моите сограѓани да газат во кал. Дополнително направивме неколку систематски решенија, како што е Архивата, направивме втора смена да има за да може граѓаните подобар сервис на услуги да имаат. Легализацијата, го зголемивме обемот на секторот во смисла за да повеќе решенија бидат изготвувани, па вчера имавме и една активност таква каде што околу 100 решенија за седум дена ги решивме за легализација. И истите ги поделивме јас и мојот тим, заедно со делот од администрацијата лично на врата кај граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека ќе се фокусира на она што е почнато да се доврши од минатата власт и дополнително систематски да се влезе со решавање на проблемите.