Ѓорѓиевски: Подобро финансирање на општините за силна локална самоуправа
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денес беше дел од годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација, Истакна дека Систематизираните ставови на ЗЕЛС, ревидирани секоја година, претставуваат основа за лобирање пред централната власт. Тој изрази задоволство што Владата ја разбира суштината на овие предизвици и активно работи на реформи во локалната самоуправа, вклучително и подобрување на финансирањето и воведување нови дигитални услуги за граѓаните.
„Односот што оваа Влада го има кон општините и ЗЕЛС ни влева надеж дека конечно ќе фатиме чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди,“ рече Ѓорѓиевски, осврнувајќи се на потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата.
Меѓу приоритетите што ги издвои Ѓорѓиевски беа: подобрување на финансиската стабилност на општините, вклучувајќи го барањето општините да добиваат најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок; реформи во методологиите за распределба на блок-дотациите, посебно за основното образование, противпожарната заштита и социјалната заштита; зголемување на дигиталните услуги за граѓаните, каде ЗЕЛС има значајни визионерски заложби, реализирани преку платформи како „www.gradezna-dozvola.mk“ и „е-градежно земјиште“.
Ѓорѓиевски посочи дека успехот на процесот на дигитализација веќе се покажува како многу успешен во општини како Кисела Вода, која прва во Македонија воведе дваесетина електронски услуги.
„Дигитализацијата значи поголема транспарентност, заштеда на време и средства за граѓаните, како и намалување на можноста за корупција,“ нагласи тој.
Своето обраќање тој го заокружи со повик за поголема соработка меѓу општините, ЗЕЛС и Владата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните низ целата држава