Ѓорѓиевски и сопругата донираа реквизити за сензорна соба во градинка во Кисела Вода
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со неговата сопруга донираа реквизити за сензорна соба во градинката „8 Март“ во општина Кисела Вода.
Со оваа донација, како што се наведува во соопштението од Град Скопје, ќе се подобрат условите за престој и развој на децата, овозможувајќи им полесна комуникација, подобра концентрација и емоционална регулација преку создавање прифатлива и смирувачка средина.

Градоначалникот и неговата сопруга упатија благодарност до Мартина и тимот кои, како што посочија, долго и посветено работеле на реализација на проектот.
Од Град Скопје истакнуваат дека вложувањата во сензорни простории имаат значајно влијание врз развојот на когнитивните и социјалните вештини кај децата, нивната самостојност, како и нивното активно вклучување во општеството.
Ѓорѓиевски нагласи дека ќе продолжат со поддршка на вакви иницијативи, со цел обезбедување еднакви услови и поголема инклузија за сите граѓани на кои им е потребна поддршка.