Ѓорѓиевски и Ристовски се зафатија со салата „Расадник“


Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, ја посетија салата „Расадник”.

Најавија дека после децении негрижа од поранешното раководство почнува процесот за нејзина реконструкција. Во финална фаза е нарачаниот проект од Општина Кисела Вода која од минатата година по долг и мачен процес, правно и без долгови ја презеде од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт.

По изготвувањето на проектот, ќе може да се премине кон градежни активности кои треба да го вратат на граѓаните овој дом на спортот од кои скопјани имаат прекрасни спомени. Проектот кој се очекува да чини околу 1.5 милиони евра ќе биде финансиски покриен од Министерството за спорт.

„На мое големо задоволство, денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, сме во салата ‘Расадник’ за да информираме за нешто што се чекаше со децении наназад. По еден долг период одбележан со негрижа и занемарување, некогашниот симбол на спортскиот дух на нашата општина и градот, салата ‘Расадник’ конечно ќе биде реконструирана и вратена на користење на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.

 

Оваа спортска сала има посебно место во срцата на нашите граѓани. Таа беше дом на култниот тим Вардар и сведок на многу славни спортски моменти. За многумина од нас, таа е симбол на спортскиот дух, заедништвото и успехот и затоа, нашата цел е да и го вратиме загубениот сјај и таа повторно да биде место каде што ќе се пишуваат нови спортски истории. Сакам да му се заблагодарам на новиот министер за спорт, Борко Ристовски за поддршката и визијата која ја делиме. Неговата посветеност кон спортот и развојот на спортската инфраструктура е од клучно значење за овој проект“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Денес е еден од оние денови кога се будат спомените, но и се отвораат нови можности за иднината, посебно во делот на спортот. Како министер во новоформираното Министерство за спорт, со големо задоволство и гордост сакам да го најавам почетокот на реконструкцијата на спортската сала ‘Расадник’. Ова некогаш култно место за сите спортски вљубеници во нашата земја, носи спомени за преполните трибини и за незаборавните натпревари во кошарка, ракомет и одбојка. ‘Расадник’ беше и дом на легендарниот клуб Вардар и место каде спортистите и навивачите живееја заедно во спортски дух и заедништво. Како спортист и ракометар, и јас лично имам длабока сентиментална врска со ова место, исто како и сите оние кои некогаш тука играле или навивале. Нашата цел е овој простор да стане модерен спортски центар кој ќе го негува спортскиот дух и ќе ги инспирира идните генерации“, изјави министерот за спорт Борко Ристовски најавувајќи дека како министер за спорт, ќе работи на реализација на капитални спортски инфраструктурни проекти и поддршка на спортот и спортистите.