Ѓорѓиевски: „Егзит“ доаѓа во Скопје

Поради поддршката на студентските протести, организаторите се соочуваат со целосен прекин на државното кофинансирање, што го принудува фестивалот да ја напушти Србија од следната година и тоа на спектакуларна локација: пред пирамидите во Египет.


Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓоргиевски, сигурен дека ќе победи на локалните избори во октомври, информира дека е постигнат договор со основачот на „EXIT“ фестивалот, Душан Ковачевиќ, од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации, пишува во денешното соопштение на Изборниот штаб на Орце Ѓорѓиевски, што МИА го пренесува интегрално. 

„Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија. Тоа ќе ја стави нашата метропола на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто,“ изјави Ѓоргиевски.

Во јули, на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, се одржа 25-от јубилеен Егзит фестивал. Организаторите потсетија дека општествената атмосфера во Србија потсетува на почетоците на Егзит пред 25 години, кога фестивалот беше симбол на младински бунт. Поради поддршката на студентските протести, организаторите се соочуваат со целосен прекин на државното кофинансирање, што го принудува фестивалот да ја напушти земјата од следната година, и тоа на спектакуларна локација: пред пирамидите во Египет.

– Кога ги започнавме подготовките за овогодинешниот јубилеен фестивал, не можевме ни да сонуваме дека ќе го дочекаме во атмосфера на општествени конфликти, насилство и апсења на студенти и граѓани. Сепак, токму затоа е важно сега да го одржиме Егзит и да испратиме порака до светот за храброста на младите луѓе во Србија, кои ги бранат универзалните вредности во својата земја, кажаа од тимот на Егзит.

Егзит од почетокот на протестите повеќе од десетина пати јавно ги поддржа студентите, повикувајќи и многу светски музичари да им дадат поддршка.

Особено се истакнува поддршката од Боб Гелдоф, иницијаторот на легендарниот „Live Aid“, кој на Егзит го одбележа 40-годишниот јубилеј од тој историски настан, продолжувајќи ја својата мисија – музиката да биде двигател на глобални промени.

Гелдоф настапи на отворањето на фестивалот со својот бенд „Boomtown Rats“, а  му се придружи италијанската уметница Гала, чиј хит „Freed from Desire“ стана химна на студентските протести и симбол на уличните акции и борба.

Видео ретроспективата по повод јубилејот ги осветли клучните моменти од историјата на фестивалот – од храбриот почеток во екот на младинскиот бунт, до создавањето на еден од највлијателните музички фестивали денес.

 „Егзит“ е повеќекратно наградуван интернационален фестивал кој секоја година собира над илјада изведувачи и десетици илјади посетители од целиот свет. Основан во 2000 година како студентско движење за мир и слобода, фестивалот низ годините прерасна во симбол на поврзување, отпор и културна размена.