Ѓоргиев: Рамковната позиција од 2019 го предизвика застојот во историската комисија

Историчарите не можат да излезат од ќор-сокакот за цар Самоил. Бугарија инсистира само на нејзиниот поглед на историјата
Застојот во работата на Заедничката експертска македонско-бугарска историска комисија датира од октомври 2019 година со донесувањето на Рамковната позиција на Бугарија за старт на преговорите со Северна Македонија, вели копретседателот од македонска страна на Заедничката историска комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев.
Ѓоргиев во изјава за ТВ Телма по одржувањето на 16. средба на Комисијата за историски прашања која заврши попладнево без успех, воедно, подвлекува и дека работата на Комисијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија.
„Застојот во работата на Комисијата настана во октомври 2019 година кога веќе почнаа да се усвојуваат разни декларации и рамковни позиции во собранието пред сѐ на Република Бугарија и кога Бугарија ја усвои рамковната позиција во однос на прашањето. Ние апсолутно се трудиме политиката да ја апстрахираме во нашата работа и сите дискусии кои се водат денес се во духот на академското разбирање на минатото. Ние работиме во еден политички контекст и не може да се избегне политичкиот контекст, меѓутоа, сепак, сакам да потврдам дека работата на Комсијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија и ние се трудиме да остане така, и досега, а и во понатамошната работа на Комисијата“, вели историчарот Ѓоргиев.
Тој потврди дека на дводневниот состанок што се одржа онлајн, се разговарало за претставувањето на државата на цар Самоил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претствувањето на тој настан во учебниците.
„Разликата се состои во тоа што имаме различен пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век. Тука имаме генерално многу различни пристапи во однос на бугарските колеги и инсистирањето настаните од 10. и 11. век да се претстават во перцепција на апсолутна вистина дека постои само една вистина за тој настан и таа личност, од друга страна обидот да се претстави цар Самоил и неговото царство во сите негови различни толкувања во светската историографија остануваат главен проблем во разидувањата на македонската и на бугарската комисија“, рече Ѓоргиев.
Во однос на тоа што македонскиот тим настапи со еден член помалку, Ѓорѓиев рече дека надминувањето на тој проблем е во тек.
„Ние работиме на тоа да се надополни Комисијата со еден член, меѓутоа денес апсолутно не беше тоа никаков хендикеп бидејќи и порано се случувало и бугарската и нашата комисија од одредени причини да работи без еден член“.
Тој најави дека до следната средба ќе работат на тоа да инкорпoрираат еден член во македонскиот тим од Комисијата.
Министерството за надворешни работи претходно соопшти дека 16. средба на Комисијата за историски прашања завршила без успех и оти остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.
„Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни сè уште се далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, стои во соопштението од МНР.
Претседателот на бугарскиот тим од Заедничката историска комисија, Ангел Димитров, денеска на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи изјави дека дводневната средба на Комисијата завршила без резултати.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Софија, информира дека членовите на Комисијата на средбата успеале да го усогласат записникот од 12. состанок што се одржа на почетокот на 2021 година, во што, според него, има симболика.
На денешната, како што оцени Димитров, „неплодна средба“ историчарите зборувале за цар Самоил, посочувајќи дека се уште „се заглавени во 10. и 11. век“. Димитров додаде дека стравува оти работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.
„Кога не сакате да ја прифатите основна формулација на Договорот за пријателство и добрососедство, а тоа е заедничка историја, значи дека се сомневате во примената на тој договор“, изјави Димитров.
Според него, за да заживее Договорот, ќе мора да се преземат чекори на сите полиња на соработка, а мешовитата комисија, како што посочи, е само едно од нив.